Рамов : Советот на Општина Кавадарци е храм на демократијата и гласот на сите граѓани (видео)

Рамов : Советот на Општина Кавадарци е храм на демократијата и гласот на сите граѓани (видео)

Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов, во своето гостување во емисијата „ТВ Објектив“ на КТВ Телевизија даде отчет за досегашната работа на Советот, истакнувајќи дека по изминати осум месеци функција во рамките на овој мандат, локалниот совет демонстрира висок степен на ефикасност и конструктивност.

Во изминатиот период Советот одржал 12 редовни и 5 вонредни седници. Рамов нагласи дека на овие седници беа донесени низа клучни одлуки за функционирањето на локалната самоуправа:

  • Направени се пресеци на програми, прегледани се годишните извештаи на јавните претпријатија и завршните сметки на сите општински училишта.
  • Разгледана и усвоена е документацијата поврзана со целокупната локална инфраструктура.
  • Дадена е целосна поддршка на програмите и визијата на градоначалникот Митко Јанчев, со кого Советот остварува одлична и континуирана соработка.

Д-р Рамов потенцираше дека иако мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ брои 12 советници, одлуките никогаш не се носат со сила на мнозинството.

„Овозможуваме Советот на Општина Кавадарци да биде вистински храм на демократијата. Ниту една одлука не е донесена со сила на мнозинството, туку преку отворена дебата, водени од силата на аргументите и мотивот на разумот“, истакна Рамов, додавајќи дека постои коректна соработка и дијалог и со сите останати советници надвор од мнозинството.

Претседателот на Советот порача дека и во следниот период ќе продолжат да работат во истиот правец, со цел Советот да остане доследен репрезент на потребите и гласот на сите граѓани на Кавадарци.