Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, во емисијата „ТВ Објектив“ на КТВ Телевизија, даде отчет за реализацијата на проектите во изминатите шест месеци од мандатот и ги најави претстојните капитални инвестиции.
Според Јанчев, над 90% од изборната програма е веќе во фаза на реализација или е завршена. Како еден од главните приоритети тој ги посочи проектите за стабилно водоснабдување на регионот.
„Во моментов се работи на два големи проекти. Едниот е изградба на паралелен цевковод од Конопиште до Бојанчиште, каде што притисокот од 25 бари досега претставуваше критична точка за дефекти. Со новиот цевковод обезбедуваме подобра акумулација и сигурност. Покрај тоа, заедно со Неготино и Росоман подготвуваме проект за пречистителна филтер-станица вредна меѓу 3 и 4 милиони евра, со која комплетно ќе се филтрира водата од регионалниот водовод при евентуални заматувања“, истакна Јанчев.
Тој додаде дека со изградбата на новиот цевковод од Западен Булевар до селото Сопот, загубите на вода драстично се намалени од 20 на 11 литри во секунда. Во Сопот е поставена целосна нова водоводна мрежа и атмосферска канализација, а за следната година е планирано и целосно асфалтирање на улиците во селото.
A.Д