Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, во своето гостување во емисијата „ТВ Објектив“ на КТВ Телевизија даде осрт на досегашната работа, поддршката од граѓаните и финансиската стабилност на општината.
Градоначалникот Јанчев истакна дека максималната поддршка добиена од граѓаните, во комбинација со конструкттивната работа на општинскиот совет под раководството на претседателот Стојанчо Радојков, администрацијата и сите јавни претпријатија, овозможува брза и ефикасна реализација на проектите.
„Кога на крајот граѓаните чувствуваат благодет и задоволство — било да е тоа од подобрена инфраструктура, безбедност или подобар квалитет на живот — тоа е единствената и најголема мотивација. Тоа е и лична мотивација, но и потврда за континуитетот во работата што го одржуваме веќе деветта година,“ порача Јанчев.
Во однос на критиките од опозицијата и скептиците кои најавуваа блокади или презадолженост на општината, градоначалникот нагласи дека резултатите на терен ги демантираат таквите тврдења:
„Очекувањата на песимистите беа дека општината ќе биде презадолжена, дека ќе отиде во банкрот или стечај. Но, ние со работа и бројки покажавме дека сме во уште подобра динамика — и во однос на изградба, и во финансиска кондиција, функционирајќи со исто темпо како од првиот ден.“
На крајот од своето излагање, тој додаде дека целта на локалната власт е Кавадарци да се издвојува од сите останати општини во државата преку висок ранг на развиеност, подобар животен стандард и здрава конкуренција во сите сфери на општественото живеење.