Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против управител и сопственик на правно лице и против самото правно лице поради сомнение за даночно затајување. Според наводите, во периодот 2024-2025 година не бил пријавен и платен законскиот надоместок за отпад од увезен текстил во износ од 3.852.067 денари, со што бил оштетен Буџетот на државата.
- Првопријавениот Т.Д., во својство на управител на второпријавеното правно лице, свесно и со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правното лице, во периодот 2024–2025 година, постапувајќи спротивно на членовите 23 и 54 од Законот за управување со дополнителни текови на отпад, за увезениот текстил од страна на второпријавеното правно лице не пријавил и не платил надоместок за отпад кон Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, во вкупен износ од 3.852.067 денари. Со цел да го прикрие непријавувањето и неплаќањето на законскиот надоместок, првопријавениот на 17.04.2026 година покренал постапка за ликвидација на второпријавеното правно лице пред Централниот регистар на Република Македонија – велат од Управата.