Полициски службеници од ОВР Кавадарци вчера во селото Крњево го лишиле од слобода Г.Т. (32) од Кавадарци, кој под дејство на алкохол физички напаѓал и се заканувал на сограѓани.
Според информациите од МВР, против него биле поднесени две пријави. Прво, околу 11:30 часот во близина на селото Бохула, тој му се заканувал и го нападнал со дрвен предмет 71-годишниот Б.Ј. Подоцна, во близина на селото Крњево, Г.Т. застанал пред автомобил „ауди“ управуван од Д.Б. (53) и им се заканувал со остар предмет на тој што го возел и на неговите сопатници.
При обид на неговите родители да му го одземат остриот предмет, тој почнал да бега, при што паднал и се повредил. По извршеното тестирање, кај приведениот биле измерени 1,59 промили алкохол во крвта.
Лицето е задржано во полициска станица, известен е јавен обвинител, а по целосно документирање на случаите против него ќе бидат поднесени соодветни пријави – информираат од СВР Велес.