Грипот најраспространет во Кавадарци

Во текот на шеста недела од 2024 година, од 05 до 11 февруари), во Република Северна Македонија се пријавени 1.875 случаи на групни пријави за заболени од грип- заболувања слични на грип. Тоа претставува 13,4 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со шеста недела од минатата сезона, е зголемен за 2,7 пати, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

 

Во однос на возрасната дистрибуција, 1.139 лица се на возраст од 15-64 години, 424 се деца на возраст од 5-14 години, 147 – деца на возраст до четири години и 165 лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години. Најголем број од пријавените случаи се  во Кавадарци – 332, потоа следуваат Скопје – 209, Битола – 180, Струмица – 179, а во останатите градови, бројот на пријавени е помал или еднаков на 150, покажуваат податоците на ИЈЗ.

 

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се девет починати лица асоцирани со грип, четири од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и Штип, пет од возрасната група на лица 15-64 години и четири од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип. Кај осум лица е докажан Influenza А(H1)pdm09, а кај едно – Influenza А – несубтипизиран.