„Тиквешки лозаро овоштари“ бараат исплата на државната помош до празникот Свети Трифин

Здружението „Тиквешки лозаро овоштари“ денеска писмено се обрати до МЗШВ. Бараат пред празникот Св. Трифун, да се одржи состанок со винарските визби и да им се наложи да склучат договори со лозарите, односно правно обврзувачки договори за откуп на винско грозје, со одредена шеќерност и повисока цена/кг за реколта 2024. Како што истакнуваат од здружението лозарите пред почеток на резидба да ги знаат откупните цени и да го планираат родот.

 

Исто така бараат  исплата на интервентната мерка од Државата, 12.000ден/хектар и 1ден/кг грозје продадено во винарија, најдоцна до 14.02.2024 година, како и испалта на редовните субвенции до хектар за оддржување на лозовите и овошните насади.

 

„ Бараме субвенциите над 1 хектар кои Државата ги намали дури и покрај енормното покачување на зависните трошоци за производство, да се исплатат по старо, најмалку 48,000 денари/хектар, а најдоцна до 14.02.2024 година.  Бараме итна исплата на средства наменети за Регистриран млад земјоделец, односно +20% на редовните субвенции за 2022 и 2023 година“ пишуваат од здружението до МЗШВ.

 

Лозарите бараат писмен одговор и околу преземањето на винаријата „Повардарие“ но и веднаш да се исплатат средствата средствата за обесштетување од елементарната непогода – суша и временските неприлики за 2021 година, на сите лозари и овоштари од Кавадарци и Неготино, каде што Водостопанство Тиквеш поради нефункционалност, не можеше да обезбеди вода за наводнување.

 

-Бараме веднаш да се донесе Закон со кој ќе се гарантира минималната откупна цена на винското грозје, и тоа по шеќерни единици, за вранец со 18 шеќерни единици 25ден/кг., а за смедеревка со 16 шеќерни единици 23ден/кг – стои во дописот од „Тиквешки лозаро овоштари“.