Ликовна изложба на Дејан Марков во Кавадарци

Ликовна изложба на Дејан Марков во Кавадарци

Иако по вокација графичар Дејан Марков  по завршувањето на својата академска наобразба  во најголем дел од својот интерес  го реализира во  еден друг медиум-сликарство,  а синоќешната негова изложба во рамките на кавадаречката културна есен беше негово четврто самостојно претставување . Во своите  масла на платно  и медијапан  Дејан Марков креира  облици  од духовниот живот , ги дифузира старите антички етно и фолклорни елементи со еден современ израз. Неговиот творечки опус  е интимна интерпретација  со едно лирско и поетско –романтично доживување  во минатото кое допира и се проткајува  со мотиви од современоста , издвојувајќи  единство помеѓу  инспиративниот потик и уметничката визија .

 

Со изборот на топлата гама на земјените тонови кои се израз на преовладувачката носталгична емоција, авторот сугерира на предметите и амбиентот од минатото, кои се интерпретирани на современ начин.  Дејан Марков е трагач по непознатото во познатото создавајќи хармонија на фактичката реалност и фантазијата на умот – за неговата уметност ќе напишат Горан Ѓорѓиевски и Зоран Читкушев.  За  Томе Крстевски етнолог во Музеј-галеријата во Кавадарци  кој ја отвори изложбата , Дејан Марков во своите дела ја отсликува традиција , го доловува  амбиентот  и духовниот живот со богатство на етно елементи.

 

                Ликовниот уметник Дејан Марков  за КТВ открива дека изложените 29 дела се работени во периодот  од  2000 до 2014 година  и затоа е наречена „Време“. Содржи  етно мотиви, дел од историја , античкиот период  на Македонија и нашето после турско време и современиот период.  Во иднина тој продолжува  и понатаму да слика етно мотиви кои за него претставуваат непресушен извор.

Мирјана Мукаетова