71 година од смртта на Страшо Пинџур
04-01-2014 РЕГИОН

Во спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур во селото Ваташа денеска се одбележа 71 година од неговата смрт. Делегации од Сојузот на борци, локалната самоуправа, месната заедница Ваташа, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци и месниот комитет во Ваташа  положија цвеќе на неговата биста во дворот на куќата.

За животот и делото на Страшо говреше директорот на Музеј Галерија Кавадарци, Петре Камчевски. Тој нагласи дека поради заслугите кои ги имал меѓу првите е прогласен за народен херој.

„Страшо е роден е на 5 март 1915година во Струмица,  каде што татко му работел како учител. Рано останал без татко. Единствена хранителка и воспитувачка останува неговата баба Наца, на која ќе и остане приврзан до крајот на својот живот. Основно образование со одличен успех завршил во Ваташа, а четири класна гимназија во Кавадарци. По укинувањето на голем број гимназии во Македонија, Страшо своето образование го продолжил во Србија. Во Крагуевачката гимназија се изградува како напреден младинец и револуционер. Овде доаѓа до израз неговата творечка ерудиција. Дневникот пишуван во текот на 1933г ги потврдува неговите способности како литерат. Покрај другото во овој дневник тој ќе напише: "јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае". По завршувањето на гимназијата се запишува на Правниот факултет во Белград. Во текот на 1938г се обидува да се префрли во Шпанија и да се бори заедно со Интернационалните бригади. Тој доаѓа до Прага, но не успева да фати врска и да се враќа во Белград, поради неговата активност бил привиден во полицијата во мај 1938г и спроведен во Истражниот затвор во Ада Циганлија. Во летото 1939г во Кавадарци, по негова иницијатава заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев ја обновуваат работата на Комунистичката партија. По завршувањето на правниот факултет неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемува. Бил будно следен од полицијата и повторно е уапсен во истиот затвор. Пред самата окупација на нашата земја Страшо е пуштен на слобода. Од јуни 1942г е член на Главниот штаб на Македонија. Есента 1942г е разбиен Велешкиот партизанскиот одред "Димитар Влахов". Страшо Пинџур заедно со Мирче Ацев доаѓа во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата. Таму се провалени во куќата на Јован Митрев и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Потоа биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив. Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо: "Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!". На 4ти јануари 1943г во просториите на Скопскиот областен затвор како последица на силните измачувања, Страшо умира. Истата вечер неговото тело било односено во непознат правец и закопано на тајно место, така да денеска не се знае неговиот гроб“ рече Камчевски.

За неговата активност во организирањето на македонскиот народ за борба против фашистичкиот окупатор, како и за неговото храбро и достоинствено движење во затворот, Страшо е еден од првите народни херои во Македонија.

Пред извесен период спомен куќата на Страшо Пинџур беше реконструирана со цел да се заштитат сведочењата за минатото на нашиот народ. Во спомен куќата се поставени голем број на фотографии и пишувања за делото на Страшо. Голем е бројот пред се на ученици кои во текот на годината од сите краеви на земјата ја посетуваат куќата на народниот херој.

Aнгел Данов



Додади коментар