(ВИДЕО) Проблеми со откупот на грозје
16-09-2016 РЕГИОН

Проблемот со откуп на винското грозје, пред се со  вранец- кратошија продолжува. Откупните пунктови полни со трактори и грозје. Откуп или нема или слаб. Лозарите нервозни, бараат итна помош од државата, откупот да продолжи бидејќи стравуваат дека родот ќе им пропадне на лозјата.

 

Денеска во посета на тиквешијата беше дополнителниот заменик министер од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски. Тој апелираше владата веднаш да го се зафати со решавање на проблемот, бидејќи државата имала законски можности за надминување на вакви состојби.

 

„По повикот за алармантната состојба со откупот на грозјето во тиквешијата веднаш дојдовме да ги посетиме откупните пунктови , но и да се сретниме со лозарите. Јас сум згрозен од она што го видов денес овде и од неспособноста на институциите и на државата за решавање на проблемите и во застанување во одбрана на своите граѓани. Она што го гледам прво е дека  грозјето останува и скапува на нивите, тоа  еден проблем, друг проблем е неплатено грозје од минатата година, но она што е клучно преку новиот закон за вино, преку измените кои беа направени, државниот земјоделски  инспекторат и инспекторите се на терен, не да помогнат овде на луѓето,  туку слушаме за огромни притисоци и проблеми кои се создаваат. Никаде во законот не пишува дека на еден пункт може да се откупува само за една винарија. Никаде во законот  не пишува дека треба да има печати од самата винарија кога се откупува грозјето. Сите овие работи ги констатираме тука, а не ги пишува во законот и очигледно дека се прави притисок врз лозарите,  очигледно е дека се сака да се создаде вештачки проблеми кои ќе дојде некој покасно да ги реши“ рече Николовски.

 

Дополнителниот заменик министер за земјоделие нагласи дека државата во ваква состојба има механизам да го реши проблемот со интервентен откуп на грозјето.

 

„Апелирам и алармирам, владата, собранието, институциите да изнајдат решенија за овие проблеми, инспекторите да кренат раце од лозарите, да дозволат откупот да тече како порано, без проблеми и без тензии, но и да се плати за трудот и маката на лозарите. Проблемите мора да се решаваат системски, а не паушално.  Не може неколку пати во годината паушално да се менуваат законите,  да се лажат, уценуваат и да се прави притисок врз лозарите. На почетокот на годината се направија измени, се скрати рокот за исплата од 6 на 3 месеци, сега пак е вратено старото решение на 3 месеци, но не само тоа се создаваат и вештачки нови проблеми на маката и на грбот на лозарите. Решенија има и со интервентен откуп кој е овозможен со законот за рурален развој и земјоделство., член 37, кога има пореметување на понудата и побарувачката, а тоа  токму сега се случува со овој проблем кој го имаат лозарите. Со одлука на влада може да се изврши интервентен откуп. Тоа како дополнителен заменски министер ќе го барам од владата “ рече Николовски и додаде дека ако владата имала  пари за панорамски тркала, за реклами за разни чуда кои се правеле  по Скопје уште повеќе владата морала  да застане зад винариите и директно зад лозарите.

 

На еден од откупните пунктови затекнавме и лозар кој со своите 86 години не се откажал од работата на лозје. Чекаше ред да го предаде набраното грозје. Бара помош од државата проблемот да се реши и лозарите весели да го продолжеле гроздоберот.

Многумина не сакаа да говорат пред камера стравувајќи дека ќе се соочат со проблеми при продажбата на грозјето, но не го криеја револтот и нервозата. Коментираа дека се приморани со часови и по цела ноќ да седат на откупните пунктови со надеж дека ќе им биде купено грозјето. Нив ги плашат информациите дека од утре нема да се откупува повеќе вранец-кратошија иако има уште значителна количина за берба од оваа сорта. Се надеваат дека сепак нивното грозје ќе има кој да го купи.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар