Кавадарчани кои ја подржуваат „шарената револуција“ вечерва протестираа пред полициската станица во Кавадарци. Оваа локација ја избраа за протест откако минатата недела се повикуваа учесници во протестите на информативни разговори.
Тие од пред полициската станица му порачаа, како што го нарекоа старо-новиот министер, Чавков, дека не му се плашат. Да ги запрел информативните разговори и притисокот врз луѓето кои протестираат.
„ Од пред полициската станица во Кавадарци ќе му кажеме на Никола Груевски и неговата криминална банда – Готово е Никола, нема да те спаси ни Чавков ни гаврани. Со тебе прикаската е завршена. Еднаш за секогаш одиш во историјата. Ќе те стигне една голема, болна казна од сопствениот народ, кој 10 години го лажеш, крадеш и манипулираш. Со твоите медиумски полтрони направивте будали од сите нас, послушници од овие полицајци кои ги спроведуваат само вашите наредби и ги штитат вашите криминали. Затоа овој народ се исели по белиот свет по корка леб“ рече Виктор Велевски.
Тој во спортски жаргон кажа дека власта на Груевски губела од шарената револуција со резултат 3:0.
„Сега Никола е 3:0 за нас. Прво 1:0 кога ги откажа изборите на 24 април, па следеше 2:0 со бетонот за избори на 5 јуни. На крајот Никола и твојот последен послушник фикусот Иванов кој беше сигурен дека нема ни правен ни законски основ да ја повлече аболицијата ете ја повлече и за тебе и за твоите криминалци. Сега ќе ве стигне обвинението од СЈО и тоа обвинение Никола ќе се процесуира во специјален суд, а не во твоите судови . Со тоа ќе биде 4:0 за нас.“ рече Велевски.
По краткиот протест пред полицијата во Кавадарци протестот продолжи на градскиот плоштад пред општинската зграда. Таму повторно летаа балони полни со боја, а фасадата доби ново пребојување.
„Веќе 60 дена чекориме сите заедно низ плоштадите и улиците на цела република. Гордо и достоинствено бараме правда, слобода и демократија. Храбри шарени револуциониери, да знаете и да биде сигурни доаѓа крајот на режимот и сите кои протестираме ќе го однесеме Никола Груевски во историјата. Истиот тој, кој преку Иванов си обезбеди аболиција за себе и врхушката криминалци и пред само два дена потклекна на притисокот од нашите протести и се повлече. Ние шарените револуционери не сме како криминалната банда на Груевски, за нас зброт е збор. Тоа што ќе кажеме тоа и го остваруваме. Народот дојде по своето, по одбрана на слободата и демократијата. Правдата ќе победи и законот ќе важи за секого. Груевски и кириминалната банда ќе одговараат и ќе лежат во затвор, но, ќе ги вратат и сите украдени пари“ рече пред кавадарчани Тања Ковачев од извршниот одбор на СДСМ.
На протестот беа испорачани новите барања за чие исполнување крајниот рок е 18 јуни. Уставниот суд да се изјасни за законитоста на законот за специјално јавно и обвинителство . Да се ослободат од прогон и притвор сите шарени револуционери, а се наоѓаат месец дена во притовор, да завршат заплашувањата, да завршат информативните разговори, беше речено на протестот кој заврши со пораката „Шарената револуција ќе победи“.
Ангел Данов
Додади коментар