„Фени“ го совлада по втор пат шампионот „МЗТ“
18-12-2014 СПОРТ

По втор пат оваа сезона кошаркарите на актуелниот шампион  МЗТ Скопје се поразени од кошаркарите на „Фени индустри“. На домашен терен момците на Малинков им понудија вистинска радост на своите навивачи.

Шеесет и деветте поени од првите 10 минути можеби не се нешто на кое тренерите беа горди, но публиката уживаше во мајсториите на Караџовски и Кемп од едната и Александар Цветковиќ од другата страна. Очекувано, како одминуваше времето одбраните на двата тима полека се консолидираа, па во играта кош за кош Фени беше тимот кој успеа да биде за нијанса подобар и на полувреме да замине со предност од 2 поени, 51-49/

Неизвесноста траеше се до седум и пол минути до крајот кога играчите на Фени со феноменална игра во одбраната и одличната реализација ја отворија серијата која за само 5 минути креираше предност од 15 поени, кои беа доволни за мирен финиш и сосема заслужен триумф од 90-79.

Во изјавата по натпреварот, тренерот Љупчо Малинков ја пофали уште еднаш колективната игра, особено во одбраната која повторно беше клучна за успехот. „Во првата четвртина се играше буквално без одбрана и тоа не е нешто на кое сме горди. На полувремето им реков на моите момци дека ако го задржиме МЗТ под 80 поени ќе победиме. Тоа и се случи, па сега заслужено ќе славиме“ - рече предводникот на Фени кој и пред медиумите му се заблагодари на Горан Гајовиќ кој ќе премине во романска Тимишоара.



Share

Додади коментар