Од Здружението Тиквешки лозаро овоштари кон крајот на јануари било упатено писмо до министерот за земјоделство Трајан Димковски со кое се бара во најкраток рок да се одржи средба за проблемите во лозарството. Средба сеуште не била закажана иако тие очекувале најдоцна до 14 февруари, Свети Трифун да се утврди откупната цена за грозјето од новата производна реколта.
Во писмото „Тиквешки лозаро овоштари“ го потсетуваат министерот за катастрофално ниските откупни цени на грозјето минатата година, за големата штета од сушата.
„Субвенциите ги покачивте 20% само за оние кои имаат над еден хектар лозови насади, додека речиси 80% од лозарите имаат лозови насади до еден хектар, со што оваа мерка не важи за нив. Водостопанство Тиквеш е пред целосен колапс во овие три години , како и да не работи за земјоделците. Поддршката со зелена нафта е добра, но е недоволна. Оваа субвенција од 220 денари за нафта по декар е многу мала за да ја сметаме како вистинска помош“ пишуваат лозарите и го потсетуваат министерот дека со законот за акцизи ќе се удрело по џебот на производителите на ракија.
A.Д

Додади коментар