Регионалното здружение „Тиквешки лозаро овоштари“ Кавадарци бара советот на општина Кавадарци да одржи итна седница на која ќе се разгледуваат проблемите во лозарството. Во писмото испратено до градоначалникот Јанчев тие бараа формирање на комисија за проценка на штета на лозовите насади кои се настрадани од невремето во мај и јуни оваа година. Објаснуваат дека од честите врнежи од дожд предизвикана е инфекција од пламеница на лозовите насади и штетите се околу 50 отсто.
„Тиквешки лозаро овоштари“ исто така бараат да им се овозможи на оштетените лозари да поднесуваат барање за проценка на штети и комисија на терен да изврши реални проценки на оштетувањето на грзојето. Додаваат дека и покрај засилената заштита не успеале да го спасат родот.
Од владата бараат итна исплата на средствата за обесштетување од 2021 година кога беше прогласена елементарна непогода во Кавадарци и Неготино, да се исплатат веднаш ветените 2 денари по килограм грозје предадено во винарија или пункт за 2022 година.
Претставниците на лозарите исто така бараат редовните субвенции за одржување на лозов насад да не бидат условувани со продажба на грозје во винарија, затоа што се бележат големи штети оваа година, туку исплатата да биде како претходно.
Исто така напоменуваат дека државата е должна да се грижи за заштита на посевите од град и да има против градобијна заштита редовно со засејување на градоносните облаци.
A.Д
Додади коментар