Кавадаречкиот совет денеска расправаше и ја усвои програмата за стопанско туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“ во рамки на продолжението на 59 тата седница. Оваа точка беше одложена со цел да се обезбеди присуство на седницата претставници од организаторот, Агенцијата „Темов“ со цел да дадат образложение на програмата.
Советникот од СДСМ, Горан Белевски го праша организаторот зошто минатата година не им биле исплатени парите на добитниците на наградата – учесници во винскиот карневал, кога пари за таа намена биле префрлени од општината.
На ова прашање одговори Фимка Шопова претставник на „Темов“, која категорично демантираше дека биле префрлени пари за награди.
„Дали ова програма што е пред нас е комплетна. Дали ако нешто не се реализира некој ќе сноси одговорност“ ги праша претставниците на организаторот советникот Сашко Петров.
Шопова одговори дека единствено не биле сигурни дали ќе се обезбедат реномирани енолози за да се реализира дегустацијата на вино. Петров го праша организаторот и дали има овластување од општината да собира донации од кавадаречките комапнии, а одговорот беше дека „Темов“ како организатор имал одврзани раце да бара спонзори и тие пари да легнуваат на нивна сметка.
Советничката Милица Андова забележа дека програмата била непрофесионално напишана и за неа биле потребни близу 6 милиони денари.
Советникот Горан Белевски предложи амандмани за намалување на организациско – продукциските трошоци од 710 илјади денари на 210 илјади и целосно да се избрише ставката од 250 илјади денари за карневалот, бидејќи реално немало потреба за такви трошоци, бидејќи во карневалот учествувале ученици и на нив не им се исплаќаат никакви хонорари.
Првиот амандман за намалување на организациско – продукциските трошоци не беше прифатен, додека со 10 гласа „за “ и 6 против од буџетот на програмата се симнаа предвидените 250 илјади денари за карневал. Со 10 гласа „за“ и 6 „против“ беше усвоен и предлогот во програмата за тиквешкиот гроздобер да се вклучат со свои активности и од здружението на граѓани за научно истражување и промоција на култура „Хаемус“.
Како што се наведува во предлогот од ова здружение тие ќе организираат настан со кој ќе се посвети внимание на античките римски костуми кои се во нивна сопственост, кои присутните на гроздоберот ќе ги вратат во минатото. Во амбиент украсен со цвеќиња, грозје и лозови гранки ќе се одвива дегустација на храна и вино. Виното ќе биде од типот муслум (црвено вино со мед и зачини). За цело време на дегустацијата е предвидено да се чита древна римска поезија од поети од Кавадарци, на теми поврзани со есента, гроздоберот, антиката, љубовта и виното.
Годинава манифестацијата Тиквешки гроздобер“ ќе се одржи од 7 до 10 септември. На седми советот ќе одржи свечена седница по повод денот на ослободувањето на Кавадарци, а потоа ќе следи концерт посветен на песната на легендарниот Никола Бадев. Официјалното отворање на гроздоберот е предвидено за 8 септември од 12 часот со изложба во музеј галеријата, а од 13 часот ќе се дегустираат грозје и вина на градскиот плоштад. За вечерта се планирани концерти на „Чили плеј бенд“ и „Нокаут“, а на полноќ ќе се избираат крал и кралица на гроздоберот.
За сабота 9 септември во програмата е планирана таблијадата, приемот на делегации од градоначалникот и вечерта карневалското дефиле и уметнички перформанс. Потоа за присутните на манифестацијата целовечерен концерт ќе има Северина. За последниот ден од гроздоберот се планирани настапи на ДЏ Никифор и Депеш мод – трибјут. Годинава организаторот на манифестацијата пресметал дека ќе бидат потребни близу шест милиони денари за да се реализираат планираните активности за манифестацијата. Општината има обврска да покрие 4 милиони денари, а останатите финансии да ги покријат локалните компании.
Aнгел Данов

Додади коментар