Поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков, неговиот заменик Ванчо Костадиновски и поранешниот заменик министер за економија Кристијан Делев заработија кривична пријава за измама и злоупотреба на службената положба и овластување. Пријава против нив поднесе винарската визба „Повардарие“ Неготино, бидејќи, како што стои во пријавата во текот на месец септември минатата година подносителот на пријавата преку неговите претставници, бил повикан на состанок од пријавените, во просториите на Министерството за земјоделство. Целта на средбата биле преговори околу откуп на грозје од лозарите од страна на “Повардарие” и субвенциите кои по закон требало да се исплатат на винарницата од страна на министерството.
Во пријавата се наведува дека пријавените на состанокот инсистирале визбата да откупи што поголема количина на грозје од лозарите, со ветување дека субвенциите ќе бидат исплатени веднаш по завршување на бербата. На ваквото инсистирање од „Повардарие“ било укажано дека немаат потреба од поголема количина на грозје, по што инсистирањата од пријавените продолжиле. Пријавените укажале дека за нив било многу важно да им се откупи грозјето на лозарите поради претстојните републички избори. На пријавените во текот на состанокот им било кажано дека визбата се соочува со извршно решение од Министерството за финансии, царинската управа и дека имаат во план да го подмират тој долг.
„Парите кои беа планирани во тој момент да се уплатат за долгот кон царината врз основа на извршни пресуди, да се пренасочат кон откуп на поголема количина на грозје, со обврска пријавените како функционери во Владата да издејствуваат за одреден временски период Царината да не поведува постапка, се наведува во кривичната пријава.
Пријавените дале ветување дека Министерството за финансии нема да поведе постапка за наплата на долгот за извесен временски период и дека околу еден милион евра може да се употребат за откуп на поголема количина на грозје. Бидејќи ветувањето било дадено од функционери и верувајќи им, винарницата откупила 23 милиони килограми грозје, иако објективно немала потреба од толкава количина. Откако визбата купила поголем род започнала стечајна постапка од Министерството за финансии, а до ден денес не биле исплатени ветените субвенции за поголема количина купен род.
За да избегне стечај неготинската винарија морала да го плати долгот кон царинската управа. Поради сето тоа, стои во пријавата, пријавените со лажно прикажување на факти ја довеле винарницата во заблуда и презеле измамничко дејство и го навеле подносителот да стори нешто на штета на својот имот, стои во пријавата.
Ангел Данов
Додади коментар