25 денари за килограм од најевтината сорта на винско грозје, рамноправни и реални кооперантски односи и договори за откуп и за планско производство со преработувачите, бараат од здруженитето „Напредни лозари“.
Тие на својата фејсбук страна напишаа дека факултетот за земјоделство и експертите да се вклучат во посредувањето на технолошката зрелост на грозјето и одредувањето на шеќерни единици за секоја сорта на грозје.
Лозарите бараат и задолжително откупувачите да поседуваат банкарски гаранции но и да понудат рокови на исплата на грозјето не подолги од 15 дена од моментот на предавање.
Само на тој начин, сметаат од здружението, може да се враќа достоинството и некогашниот животен стандард на лозарите и да се привлекуваат младите кон ова гранка.
Поради се поочигледното одолгувлекување на можното решение и прифаќање на нашите барања од страна на винариите и надлежните од Министерството за земјоделие, сега пред самата берба, што како трик се користеше во изминатите години, Управниот Одбор на Здружението “Напредни Лозари“ сериозно ги разгледува можностите за организирање на масовни протести на проиводителите на грозје во Тиквешијата и пошироко – пишуваат од здружението и додаваат дека за разлика од претходно сега се подготвувале многу посериозни протести од досега видените.
„Нагласуваме дека најавените протести се резултат на чист, инстант лозарски интерес без никаква политика. Се оградуваме од секој што ќе се дрзне настаните кои ќе уследат политички да ги обои. Таквите гадно ќе се покаат сосе нивните политички патрони. Ова е моментот кој може да биде пресуден за нашата и иднината на генерациите по нас. Имаме ли храброст да покажеме дека не се плашиме и да пресечеме со “ДОСТА Е“. Од овој момент зависи дали во иднината ќе можеме да им погледнеме во очи на генерациите кои доаѓаат, на младите, на нивните деца. Ова е моментот кој ќе определи дали нашите деца и внуци ќе се гордеат со нас или ќе се срамат од нас. Ова е моментот кој може да им обезбеди на нашите деца и внуци да го живеат лозарскиот сон. Или ќе го живеат лозарскиот сон овде на сопственото огниште, на родната грутка или пак само ќе го сонуваат, таму некаде, во некоја ветена земја, во странство“ пишуваат од здружението „Напредни лозари“ Кавадарци.
A.Д
Додади коментар