На претходно барање од жителите на околните станбени објекти, покрената е иницијатива за отстранување на бесправно поставените лимени гаражи на земјиште во сопственост на Република Македонија.
Во таа насока општината спроведува акција согласно која на почетокот сите иматели на ваквите објекти по писмен пат беа благовремено информирани самите да превземат мерки за нивно отстранување. Општината навремено изготви известување кое беше налепено на сите лимени гаражи кои треба да се отстранат, со појаснување за идната намена на тој простор согласно деталниот урбанистички план на град Кавадарци.
Во моментот лимени гаражи се отстрануваат на неколку локации во градот. Најмногу бесправно подигнати лимени гаражи има на просторот кој се наоѓа помеѓу колективните станбени згради и индивидуалните станбени објекти на ул „Кочо Рацин“, ул.„Орце Николов“, Булевар „Македонија“ и Булевар „Никола Минчев“, вкупно 49 гаражи.
На оваа локација согласно ДУП предвидено е доасфалтирање на паркингот како и хортикултурно уредување и поставање на урбана опрема.
На улицата „Блажо Алексов“ треба да се размонтираат 5 гаражи, а на улица „Ѓорѓи Соколов“ 11 гаражи.
По нивното остранување општината овде ќе спроведе активност за дооформување на улиците во функција на новиот кружен тек кој што интензивно се гради.
Општината Кавадарци уште еднаш упатува апел до сите иматели на лимени гаражи, сериозно да пристапат во нивното демонтирање во законски определениот рок.
СЕ ПОДГОТВУВА ПРОСТОР ЗА ДИСЛОКАЦИЈА НА ГАРАЖИТЕ
Општина Кавадарци паралелно со акцијата за отстранување на бесправно подигнатите лимени гаражи на локации во градот, работи на уредување на простор каде тие гаражи би се дислоцирале.
На просторот покрај обиколницата „Северен булевар“ помеѓу мостот на реката Луда Мара па до спојот со ул „Ѓорѓи Соколов“ деновиве интензивно се расчистува земјиште со површина од околу 9 000м2 сопственост на Република Македонија, каде е предвидено изградба на урбанизирано плато за дислоцирање на лимените гаражи.
Локацијата која е предвидена за плато за лимени гаражи се прави со цел сите бесправно поставени лимени гаражи на територијата на град Кавадарци да се дислоцираат овде со цел истите да бидат соодветно поставени и обезбедени од кражба.
За оплеменување на просторот и ставање во функција работи механизација од еден скип и 3 камиони, донација од фирмата „ЈА-МИ“ од Кавадарци, а за истата работа е ангажиран и багер од ЈП „Комуналец“.
Општината Кавадарциги повикува сите сопственици на лимени гаражи кои ќе се дислоцираат активно да земату чество во оваа благородна акција чија цел е „ За убаво Кавадарци“.
Додади коментар