Интегрален текст од изјава за медиуми – Зоранчо Јованчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија
Лозарите се излажани и изманипулирани од СДСМ и Зоран Заев лично. Грозјето скапува на нивите. Откупната цена во моментов е најниска откако се памети, и истата изнесува мизерни 6 – 7 денари.Меѓутоа и по овие потценувачки цени милиони килограми на грозје стои необрано бидејќи владата подолг период не му пристапи на овој проблем сериозно.
Потребни се итни мерки за да се превенира социјална катастрофа.
Во таа насока денеска до Собранието на Република Македонија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „за Обнова на Македонија“ ќе поднесе барање за надзорна расправа. Истата ќе се реализира со цел да се постигне консензус помеѓу сите засегнати чинители и да се достигне достоинствена цена за килограм грозје.
На надзорната расправа ќе бидат повикани претставници на здруженија на лозари од цела држава, претставници на винариите и стручни лица од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Проценките на експертите се дека од овогодишната реколта веројатно нема да бидат откупени до 60 милиони килограми винско грозје, што претставува потфрлање од безмалку 40%!
Од надлежните институции освен лажните и несериозни ветувања и оптимистички најави нема ниту еден релевантен податок. Класично потфрлање на целиот државен земјоделски систем кој во било која подобро организирана аграрна земја не смее да се случи.
Напоменуваме дека причините за хаосот во откупот на овогодишната реколта се пред се во државните институции.
Потребни се брзи чекори на делување. Грозјето не смее да остане на нивите. Кога во цел свет недостасува храна, срамота е во Македонија таа да се фрла на буниште затоа што власта не може да помогне и да обезбеди пласман.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета за своја должност да делува со сите начини кои и се расположливи кога владата која ги има сите механизми и полуги на власт остава лозарите да патат.
Решение мора да се најде!
Дополнително во идниот период ќе отпочнеме процес на стручна расправа и од потребите за донесување на закон за лозарство, со кој детално ќе биде регулирана областа, ќе се гарантира заштитна откупна цена под која нема да може да се оди, и ќе се регулира начинот на производство на насока на заштитните средства и препарати кои може да се употребуваат, а со цел добивање на поквалитетен краен производ.
Додади коментар