пишува: Ненад Јовановиќ
Читам еден твит, доцна синојка (имам и јас свои извори!), и не можам да се начудам што гледаат моите очи. Кутрата Ганка Цветанова, ја знаете сите, онаа госпоѓа која едно време беше министерка за култура во почетокот на 2000-та. Е, таа Ганка, за која мислев дека има некоја професија, мислев дека работи нешто жената, а „гоогле“ не јавува ништо за нејзината примарна професија, е, таа кутра Ганка (а „кутра“ затоа што во мојата свест некаде низ години ми оставила добар, пристоен впечаток) работи во „Дувлото“ на Мицкоски. Што е тоа дувло? Тоа е интернет канал, најчесто преку фејсбук и твитер, место од кое се дискредитираат и денунцираат сите противници на Мицкоски.
Што значи дека госпоѓата Ганка, гребејќи му се на Мицкоски за некоја бедна функција, денес изигрува шеф на ВМРО-ДПМНЕ во операцијата „Дувло“. Веројатно Ганка е тамо најпаметна, што ми кажува на колку ниски гранки им паднала партијата ако Ганка им е најумната, па „пелцува“ анонимни ботови од партијата за да го плукаат градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
И сигурно се прашувате што Ганка за Јанчев пишува? Таква гадост не вреди на ова место да се појави. Им пушта Ганка готови срања: само овие треба навреме да ги проголтаат. Но, сепак, имам нешто друго да кажам, многу послоевито и многу поважно.
Денешна „елита“ со која Мицкоски е опкружен, сите во својот политички табиет се „операција Дувло“.
Мали, злобни и одвратни денунцијанти. Нивната цел во општеството е да ги плукаат и презираат сите оние кои нешто направиле во/и/со својот живот, оние кои имаат професија и оние кои не влегле во политиката исклучиво и само заради проклети пари. Туку влегле во политиката затоа што имале свест, знаење и одговорност кон заедницата на која припаѓаат. А зошто преку ботови се плукаат неистомисленици и главните конкуренти на Мицкоски? Затоа што ботовите се анонимни идиоти, не подлежат на кривична одговорност а ефектот е голем. Кој е тој закон што може да гони ботови? Нема таков закон, затоа што за да има закон, мора да има конкретни луѓе со конктерно име и презиме. А ботовите не се луѓе, тоа се некои уплашенковци кои слушаат што ќе им се каже, ждерат сендивичи и совршено не постојат. Дури не им давете ниту наредби, туку само конкретни пресуди. Од прилика вака тоа изгледа: „Денес, ти, никој и ништо, ќе го мразиш градоначалникот на Кавадарци Јанчев“. Тоа е пресуда не што треба да се џвака, туку тоа е пресуда која треба да веднаш да се голтне.
Системот „Дувло“ на Мицкоски, за оние кои ептен сакаат детаљи, во изворно значење се вика „Бабушка“, изготвен според руски систем на „бутирање на мрежи“: кол-ценатр им дава наутро и навечер директиви, а тие само треба доволно да мразат, плукаат и шиканираат, а таквите желудочни киселни да ги шират по мрежите. Тие денес се „националните и државните интереси“ на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, Митко Јанчев денес има фантастичен „влез“ во македонската политика. Таквиот влез е крунисан со неговиот прв градоначалнички мандат во Општина Кавадарци. Бидејќи тој е единствениот релевантен политички чинител што добил реално гласови (излегол на терен и победил!), и некако природно се наметнува како стожер околу кој ќе се кршат копјата; природно се наметна и како некој околу кого ќе се екипираат сите оние луѓе кои денес сакаат да го рушат Мицкоски и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дувлото“ на Мицкоски денес е опседнато со Митко Јанчев. Работат на негова дискредитација на локално и на национално ниво, ама една работа не разбираат. Јанчев има реален и автентичен суверенитет, а тоа се граѓаните на град Кавадарци. Тоа не може никој да му го земе затоа што Јанчев работи за сите граѓани на град Кавадарци. Дели плати на вработени, плаќа сметки, сервисира инфраструктура: гради, асфалтира, поплочува, урбанизира... Тоа во политиката се вика „реал политика“. Работи човекот еден цел град во сите негови специфики, проблеми и противречности.
Што прават поддржувачите на Мицкоски? Седат како некои наџак-баби и плукаат. Плука Ганка Цветанова на своите ботови, плука Мицкоски на своите ботови, а ботовите плукаат кон други. Така работи нивниот параполитички систем.
Митко Јанчев денес е реална и институционална фигура на ВМРО-ДПМНЕ. Нема никакви грешки во својот градоначалнички ангажман, па сосема разбирливо би било да биде една симболичка точка околу која ќе се обидат Мицкоски да го рушат, бидејќи иако во опозиција, Мицкоски се’ уште прави реални и големи штети во домашната и меѓународната политика. Денес партијата на Мицкоски во Европскиот извештај е прогласен за партија која шири најмногу лажни вести, а некои гласови велат дека има голема шанса да биде искулчена од Европската ЕПП.
Ако ВМРО-ДПМНЕ сака да биде повторно јака и релевантна политичка партија, одговорот се наоѓа во Кавадарци. Митко Јанчев денес е најдобриот можен потенцијал што денес оваа партија го има. А Христијан Мицкоски е најлошиот можен „беспотенцијален“ и самонаречен лидер. Едниот има изборен суверенитет, а другиот има... Ја има Ганка и „Дувлото“ од ботови. А тоа, ќе се сложите со мене, сепак е огромна разлика.

Додади коментар