Црвен Крст Кавадарци со кампања за помош на гладните
16-10-2018 РЕГИОН

 

Светскиот ден на храната 16 октомври и ден на борба против гладта, е ден на акција посветена на справување со глобалната глад. Со одбележување на денот луѓето од целиот свет заедно ја изразуваат својата заложба за искоренување на гладта.

 

Целта е да се подигне свеста на луѓето за проблемот со гладта, како и за достигнувањата на милиони луѓе кои веќе го надминале проблемот со гладта и ги задоволуваат основните потреби. Светскиот ден има за цел да ги инспирира луѓето во развиените и земјите во развој да ја покажат својата солидарност и да дадат поддршка за да овозможат уште многу луѓе да го надминат проблемот со гладта и сиромаштијата и да станат независни.

 

Фокусот на денот е дека храната е основно човеково право. Организацијата за храна и агрикултура при Обединетите нации проценува дека во светот 805 милиони луѓе живеат со хроничен глад, 60% жени и речиси пет милиони деца под петгодишна возраст умираат поради хронична ненахранетост.

 

Црвен крст на Република Македонија по овој повод се вклучува во одбележувањето на 16 Октомври со организирање на кампања „Помислете и на нас“, која ќе се спроведе преку сите општински организации на Црвениот крст и Црвениот крст на град Скопје.

 

Активностите во кампањата, ќе се спроведат во рамките на неделата од 16 до 22 Октомври 2018 година.

 

Целта на оваа кампања, како што истакнуваат од Црвен крст е покренување на општото мислење на јавноста за проблемите на сиромаштијата, Изнаоѓање на фондови за помош на ранливите лица, градење на позитивен имиџ на Организацијата на Црвениот крст на Македонија, која посветува внимание во решавањето на проблемите на ранливото население.

 

Испечатени се вредносни бонови во 33.000 примероци од по 20 денари. Од кавадаречкиот црвен крст информираат дека боновите се доставени до училиштата и собраните средства од учениците ќе се искористат за потребите на учениците.

 

Ќе се реализира акција за обезбедување на донации во парични средства преку сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РМ 300000001327966 Даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка Скопје, а може да се донираат по 100 денари со повик на мобилните телефонски броеви:       070/075/077 143 – 400

Средствата донирани во хуманитарните акции во кампањата наменети се за обезбедување на храна за помош на лица во социјален ризик.

Од средствата донирани во акцијата со компаниите, Црвениот крст на РМ ќе подготви пакети со храна кои преку општинските организации на Црвен крст ќе бидат дистрибуирани до крајните корисници.

 

Хуманитарна акција за денот на гладта се реализираше и во детската градинка „Рада Поцева“. Донираа вработените, а од собраните средства се подготвија пакети кои се донираа на семејства во социјален ризик и многу детни семејства.

                                   



Share

Додади коментар