Просечната цената за метар квадратен на стан во Кавадарци варира од 18.357 денари колку што била во првиот квартал од оваа година до 26.725 денари во третиот квартал од минатата година.
Директорот на Агенцијата за катастар Славче Трпевски, денеска во рамки на отворените денови беше во кавадаречкиот катастари ги изнесе овие податоци.
„Во периодот од 18 март минатата година, до 31 март годинава во Кавадарци се забележани 592 купопродажби, односно трансакции од кои 463 и 109 договори за закуп. Имаме слабо развиен пазар на недвижности. Нема доволна количина на цени за да бидеме оптимално сигурни дека цените се тие. За да имаме некоја референтна цена треба да се случат и поголем број трансакции“ рече Трпевски.
Тој информира дека акцијата „отворени денови“ со катастарот се спроведува веќе девета година. Зајкучно со крајот на октомври одделението за катастар на недвижности Кавадарци има примено вкупно 18.945 предмети и сите биле решени во законски утврдените рокови.
„Во катастарот во Кавадарци во тек е акција за бесплатно запишување на правата на сопственост за населените места Бохула, Галиште, Фариш, Драдња, Рожден и Мрежичко. Ги повикуваме граѓаните од овие населени места, кои немаат имотни листови да поднесат пријава до одделението во Кавадарци и приложат соодветна документација за да докажат право на сопственост, како што се пресуди, договори, акти на државни органи, наследни решенија, поседовни листови“ информираше Трпевски.
Во однос на легализирањето на бесправно изградените објекти во Одделението за катастар Кавадарци се запишани 3420 легализирани бесправно изградени објекти. Агенцијата за катастар изготвува и бесплатни елаборати за социјално ранливите категории и досега биле примени на ниво на држава 7000 барања, а 6800 елаборати веќе биле изготвени.
Ангел Данов
Додади коментар