Храната ги поврза пограничните општини Кавадарци и Воден!
20-05-2013 РЕГИОН

Во Воден или сегашна Едеса, во Грција вчера на гости беше делегација од Кавадарци. Отидоа кавадарчани да ја зацврстат соработката но и да разменат искуства околу гастрономијата. Веќе десетина години кавадарчани и воденци соработуваат и заедно реализираат проекти со пари од Европската Унија.

Кавадарчани имаа можност да ја проследат демонстрацијата на подготвување на традиционален грчки појадок. Тамошната традиција налагала тој да содржи четири елементи, вода, јогурт, мед и свежо овошје. Десертот пак, кој можеше да се дегустира беше составен  од цреши, мед , свеж полен и колачиња од шери црешите .

„Луѓето кои се инволвирани во гастрономскиот туризам треба да се добро образовани и обучени, бидејќи храната го отсликува народот и неговиот идентитет. Потребен е ентузијазам и инвестирање во туризмот, здрава  и разноводна  храна од свежи производи , добро сервирано и со интересна приказна за традицијата во подготвувањето“ рече д-р Ангела Васлевска, од Факултетот за туризам во Охрид.

Д-р Георгиу Бошку од Грција нагласува дека гастрономијата од секогаш била уметност и вкусот од храната задолжително требало да им остане во сеќавање на туристите. Според него секоја земја има своја кујна и своја традиција и вкус.

Кавадарчани не само што ја следеа подготовката на грчката храна, тие имаа можност и да ја дегустираат, а пред своите пријатели поставија неколку штандови со традиционална тиквешка храна. Органски мед, маџун, органско вино и домашна салата но и сок од грозје имаше на нашите штандови.

Кавадаречката делегација ја предводеше секретарот на општината, Ќире Делов. Беше речено дека досегашната десет годишна соработка двете општини ќе ја продолжат и во наредниот период. Досега се реализираа два проекти од прекуграничната соработка. Во Кавадарци беше отворен музејот на вкусови, а пред неколку години и винската куќа./ A.Д



Share

Додади коментар