Хоџа на работна средба со претставници од Стопанска комора на Македонија: Приватниот сектор е силата што ја движи економијата

Денеска, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, одржа работна средба со претставници на приватниот агросектор и членки на комората, на тема „Актуелни состојби и идни насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“ - информираат од МЗШВ.

 

Владата на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство вложуваат силни напори да ги овозможат сите услови за стопанисување, како потврда на свесноста за значењето кое приватниот сектор го има во вкупната економија.

 

„Приватниот сектор е силата што ја движи економијата. За мене е исклучителна чест да бидам во вакво друштво на агробизнисмени кои го носат домашното производство на храна, бизнисмени кои се заслужни за влезот на девизи во државата, за ставањето во функција на нашите обработливи површини. Стопанственици кои вработуваат, плаќаат даноци, исплаќаат плати и се движечка сила на нашата вкупна економија„ изјави министерот Хоџа.

 

Тој упати три клучни пораки. Ги охрабри стопанствениците да инвестираат во домашниот агрокомплекс бидејќи пандемијата покажа дека за секоја држава, за секој граѓанин, најсигурно и најефтино е домашното проозводство, истакнувајќи дека Владата преку сет мерки и програми ќе им помогне во таа мисија преку искористување на средства од ЕУ фондовите и ИПАРД фондовите за модернизирање на производството и добивање на конкурентен производ.

 

Втората порака е да ангажираат нови луѓе во секторот, да го развиваат договорното производство и кооперантските односи, да освојуват нови пазари и да наоѓаат странски партнери, со поддршка на МЗШВ.

 

И третата порака која ја упати министерот Хоџа, е во насока на користење на домашна суровина и репроматеријали, со што ќе се иницира развој на домашни фирми, нови вработувања и зголемено домашно земјоделско производство и преработка.

Министерот исто така истакна дека МЗШВ ќе продолжи со директната поддршка преку субвенциите, ИПАРД, преку одговор на сите важни барања, како намалувањето на ДДВ за месо за преработка што за краток временски период покажа резултати, поддршка на извозот на вино или милиони евра преку ИПАРД што ги користат сериозни компании.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија Бранко Азески истакна дека комората секогаш е консултирана при носењето на политиките во агросекторот и дека тие ќе ја дадат својата поддршка за радикални промени кои ќе придонесат за развој на селата.

 

„Да се вратиме кон селото. Порано имаше миграција село – град, а сега треба да поттикнеме обратна миграција“ – изјави Азески.

 

Претставниците од приватниот агросектор посочија дека државата треба да ги мотивира големите компании, бидејќи тие се локомотивата која ја движи економијата и дека тоа се европски принципи да се стимулираат сите кои сакаат да работат и знаат како. Тие ги искажаа своите предлози и идеи за подобрување на состојбата во агросекторот, но за реализација на нивните планови побараа поддршка од државата.

 

Заклучокот од денешната работна средба е дека Министерството за земјоделство. Шумарство и водостопанство заедно со приватниот сектор и Стопанската комора на Македонија ќе креираат развојни политики кои ќе бидат усогласени со заедничката земјоделска политика на Европската Унија како сигурен чекор кон развиено земјоделско производство. Развојните политики, програми и стратегии ќе се креираат чекор по чекор за сите сектори од земјоделското производство, со заедничка силна посветеност кон воспоставување на нови стандарди по примерот на развиените земји. Сето ова ќе придонесе да се зголеми домашното производство, да се намали увозот на земјоделски и прехранбени производи, а нашето домашно производство да биде препознаено на странските пазари и да може во целост да одговори на трговските извозни барања.

 



Share

Додади коментар