Филипче: Ковид вакцината ќе биде бесплатна за граѓаните, ги интезивираме подготовките за процесот на вакцинација
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска во изјава за медиумите истакна дека почнати се интензивни подготовки за процесот на вакцинација од ковид-19, со цел да се припреми здравствениот систем за ефикасен начин на вакцинација.
 
„Во делот на набавката на вакцините, веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку КОВАКС механизмот. Тоа е маханизам на Светската здравствена организација, Глобалната алијанса за имунизација во коишто учествуваат сите соседни земји, освен земјите членки на Европската Унија кои имаа можност за директни договори со некои компании. Во рамките на овој систем ќе ги добиваме вакцините согласно планот за дистрибуција којшто КОВАКС ќе го одреди и многу скоро очекуваме конкретна информација од нив“, потенцираше Филипче.
 
Покрај овој механизам, министерот Филипче изјави дека веќе се доставени барања за директни договори за вакцини до две светски компании Астра Зенека и Фајзер. По иницијалните нивни одговори се чека и дефинитивната потврда дека дополнителна количина ќе може да се набави директно од компаниите.  
 
„И третиот механизам е практично механизмот којшто го понудија дел од земјите членки на ЕУ. Имено, од нивните билатерални договори со дел од компаниите беа договорени 400 милиони дози за граѓаните на земјите членки на Еврпоска унија, од коишто 100 милиони беа наменети за земјите во Европа коишто не се членки на унијата. Иницијална понуда добивме од Полска, понатаму преку премиерот Мицотакис до нашиот премиер Заев и за тоа веќе аплициравме за 800 илјади дополнителни дози, значи од тие 100 милиони дози коишто ќе бидат на располагање. Што се однесува до процесот на вакцинација и логистичка организација, денеска донесовме неколку одлуки, првата е дека вакцинацијата ќе се врши во постоечките наши капацитети, а тоа се вакциналните пунктови и болниците. Ќе се спроведе еден брз процес на тренинг за вакцинирање, согласно спецификите на вакцините за Ковид 19. Сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени“, посочи Филипче и додаде дека за сите овие вакцини коишто се сега на располагање здравствените работници веќе имале искуство од други вакцини коишто се со сличен тип.
 
Вакцинацијата на здравствени работници ќе се врши во рамките на јавно-здравствените установи кадешто тие работат. Вакцинацијата ќе биде бесплатна за граѓаните.
 
„Во однос на логистиката и транспортот веќе имавме состаноци со повеќе економски оператори коишто веќе работат на ова поле, увоз, складирање и дистрибуција на други вакцини. Сите укажаа дека се апсолутно согласни да бидат дел од овој систем и дека ќе ги понудат своите услуги за што ќе спремиме посебни договори. Добивме потврда од една Американска фондација за потребните фрижидери на минус 70 степени и тие ќе стигнат на почетокот на јануари, ќе бидат дел на овој еден систем на чување и дистрибуција на вакцините во државата. На тој начин, во соработка со овие оператори практично само ќе ја надополниме со оваа една вакцина, а системот ќе функционира како што функционира и сега во делот на складирање и дистрибуција на вакцините“, рече Филипче.
 
Во однос на приоритетните групи, тој информираше дека беше донесена одлука - како приоритет ќе се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Понатаму, делот на здравствени работници коишто работат со земањето на брисеви, граѓаните над 65 години и пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот Мој Термин, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт.
 
„Епидемијата е сеуште многу силна. Има навистина многу голем број на заразени. Пред нас престои еден период на традиционални семејни собири и слави. Апелирам и замолувам сите да се воздржиме од такви прослави и собири, сигурен сум дека следната година новогодишните и сите други празници практично ќе се слават како што тоа било порано. Но, оваа година сите да ги почитуваме мерките, да не се групираме заради тоа што тоа е најефикасниот начин на спречување на патот на заразата“, апелираше Филипче.
 
На прашањето во однос на тоа кои категории граѓани треба да се вакцинираат, претседателката на Комитетот за имунизација д-р Александра Грозданова потенцираше дека правилото за примање вакцина, како за сите други вакцини така и за ковид вакцината, е да истата се прими во општа добра здравствена состојба.
 
„Пациенти коишто прележале ковид, во зависност од состојбата во којашто се наоѓаат и временскиот период, секако доколку сакаат можат да ја примат вакцината, но имајќи во предвид дека ќе имаме приоритетна листа ќе треба на некаков начин да се приоритизираат токму со тие категории. Како што спомна министерот, здравствените работници директно изложени на работа во ковид центрите, тие коишто ги третираат или работат со пациенти, микробиолошките лаборатории и тие коишто ги тестираат и потоа секако хронично болните. Од хронично болните ќе се прави приоритизација во зависност од нивната здравствена состојба, најчесто се тоа кардиоваскуларните заболувања, респираторни, малигни заболувања и секако еден параметар ќе биде возраста кај пациентите, поприоритетна ќе биде повозрасната група пациенти. Во моментот со оваа категорија вакцини не се опфатени децата. Врз основа на резултатите од клиничките испитувања, после 21 ден од втората доза би можело да се очекува покачување на титерот на заштитните антитела. Кога вистински ќе дојде, ќе видиме индивидуално меѓутоа повторно ќе кажам како и за секоја вакцина после примање на втората доза најмалку во тој период од еден месец би се очекувал заштитниот ефект на вакцината“, истакна Грозданова.

 



Share

Додади коментар