Во врска со трите предложени модели за побрза исплата на надоместоци и боледувања, Владата на Република Македонија, на последната Владина седница одржана вчера, одлучи дека најповолен е третиот модел на административно олеснување.
Причините за реализација на овој проект делумно се поради ненавремената исплата на надоместокот, за што, според анализите на Фондот, во голем број причините се и кај самите фирми, поради ненавремените поднесоци од нивна страна, како и поради грешките во пресметките за надоместокот. Токму затоа Фондот направи широка дебата со претставници на Сојузот на стопански комори, Стопанска комора на Македонија, Организацијата на работодавачи на Република Македонија, Интерресорската советодавна консултативна група за еднакви можности на мажите и жените. Сите предложени модели ја инкорпорираа и Конвенцијата за мајчинство за побрзо остварување на правата на мајките.
Со избраниот модел од страна на Владата за побрза исплата на надоместоците, предвидени се сет мерки во три сегменти, со цел да се овозможи побрза исплата на надоместоците. Не се предвидува никаква измена во делот на плаќањето, Фондот ќе продолжи да ги исплатува надоместоците за породилно отсуство и боледување, како и досега.
Првиот сегмент предвидува законски измени за побрзо остварување на правото на надоместоци за боледување и породилно отсуство: Првата измена опфаќа ФЗОМ да ги гарантира исплатите на веќе отворените решенија за породилно отсуство или боледување, без оглед дали фирмата навремено ги исплаќа надоместоците за вработените. Втората измена опфаќа ФЗОМ да ги гарантира исплатите за породилно боледување и на лицата кои се на определено работно време, во случај кога договорот за работа се прекинува за време на боледувањето. Третата измена е воведување на дисциплина преку законски рокови за фимрите да достават барање на боледување и санкции доколку роковите не се почитуваат. Ќе се воведат законски рокови и за изготвување на корекциите за уплата (103ки) од фирмите.
Вториот сегмент предвидува административно олеснување во процесирањето на барањата за боледување. Ќе се овозможи поднесување на барање за боледување по елетронски пат (веб портал). Брањето ќе може да го поднесе овластено лице од фирмата, самиот осигуреник или матичниот гинеколог, односно болницата. Сите други потребни документи, освен самото барање за надомест на породилно отсуство или боледување, Фондот ќе ги превзема електронски, по службена должност. Третиот сегмент предвидува нов модел на информатички систем во ФЗОМ. Фондот како институција презема обврска редовно да ги информира осигурениците за статусот на нивниот предмет за исплата на надомест за боледување или породилно отсуство.
Оценка на Владата е дека сите предвидени измени ќе може да бидат финализирани до март 2015, кога се очекува да се започне со реализација на овој проект за осигурениците да ги почувствуваат придобивките од палетата на промени кои ги прави ФЗОМ.

Додади коментар