Богато знаење за животната средина и воошто за екологијата покажа денеска петодделенците од основните училишта во Кавадарци кои се натпреваруваа на еко квизот што по втор пат го организираат Фени индустри, општина Кавадарци и еколошкото друштво. Атмосферата во домот на културата „ Иван Мазов Климе“ беше натпреварувачка.
Повеќе од триста ученици навиваа за своите тимови кои своите знаења од областа на екологијата ги мереа со своите врсници. Специјално за квизот е подготвен софтвер и соодветни електронски уреди за регистрирање на одговорите на натпреварувачите.
И на ова второ издание од квизот победници се учениците од ООУ „Димката Ангелов Габерот “ од Ваташа. Тие добија од организаторот таблети и екскурзија за цело одделение на натпреварувачите. Второто место го освоија учениците од ООУ „Тошо Велков-Пепето“. Наградата за нив е комплет енциклопедии. На екскурзија ќе заминат како утешна награда и сите останати учесници во еко-квизот, а трето место освоија учениците од подрачното училиште во село Дреново.
Организаторите се задоволни од нивото на постигнато знаење кај учениците.
„ Овој проект го започнавме минатата година и заради успешното издание каде сите петооделенци не само што беа вклучени туку и максимално мотивирани да ја совладаат материјата, сметавме заслужува повторно да го организираме. Целта на проектот е да ја зголемиме свеста за екологија и своето знаење уште од најрана возраст. Оваа цел ја постигнуваме“ рече менаџерот на администрација во Фени, Борка Петровска.
На отворањето на квизот беше присутен и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов. Тој во изјавата за КТВ нагласи дека за екологија треба да се учи од мали нозе, бидејќи во иднина токму децата ќе станат главни истражители и критичари на се што ќе ја загадува животната средина и ќе го загрозува човековиот живот.
„Ако сакаме да размислуваме многу подлабоко и попрецизно за нашата иднина кога е во прашање екологијата, мислам дека ова е вистински начин да се допре до свеста на децата. Да бидат идни истражители, критичари тогаш кога здравјето и животот на луѓето е загрозен, како резултат на лошите еколошки услови во кои што живеат. Да можат благовремено и правилно да реагираат. Мислам дека ова е еден од вистинските начини да се допре до свеста, не само на натпреварувачите туку и за сите ученции. Загадувањето на водата, воздухот и почвата како проблем на овој век ќе се надминат само со многу повисока свест, не само со клевети и лакрдии. Сакам да ја истакнам големата заслуга и учество на комапнијата Фени која по незнам кој пат ја истакнува својата општествена одговорност. Ако пред неколку години беше предмет на критика како најголем загадувач сега е главен борец за подигање на свеста. Фени инвестира во повисока еколошка свест. “ рече Панов.
Ангел Данов
Додади коментар