УХМР најавува уште пожешко време
25-07-2015 РЕГИОН

Од идната недела се очекува Македонија да ја зафати нов топлотен бран со тропски дневни температури кои ќе се искачат и над 40 степени Целзиусови. Вакава најава доаѓа од Управата за хидрометеоролошки работи (УХРМ.

„Македонија од понеделник ќе биде под влијание на уште потопла и сува воздушна маса од југ, што ќе предизвика натамошен пораст на дневните температури, кои во поголем дел од земјава ќе бидат над 35 степени. Особено топло се очекува кон средината на неделата, кога долж Повардарјето и во југоисточниот дел дневните температури ќе бидат над 40 степени“, соопштуваат од УХМР.

Дали ваквите високи температури ќе бидат доволни да се прогласи портокалова фаза, од понеделник ќе се изјасни УХРМ. А, во меѓувреме се' уште се активни препораките на Владата до работодавците кои важат до вторник, а тие се да се избегнува работа на отворено во најтоплиот дел од денот од 12 до 17 часот, и од работа да бидат ослободени трудниците и хронично болните над 60 години.

Тропското време, според биометеоролошката прогноза може да предизвика здравствени проблеми кај луѓето. Во попладневните часови се очекува честа појава на главоболка, болки во колената, во грбот и вратни болки. Во вечерните часови, пак, кај некои луѓе можна е појава на општа слабост, а кај други и чувство на тежина во главата. Во ноќните часови поизразени и подолготрајни може да бидат болките кои се предизвикани од ревматски болести, но и оние кои се од артритични промени.



Share

Додади коментар