Утре се навршуваат 100 години од загинувањето на Димитар Пинџуров
14-10-2015 РЕГИОН

Димитар Пинџуров води потекло од револуционерно семејство бидејќи неговиот татко Арсо обиколувајќи ги селата во Тиквешијата вршел курирска служб за револуционерната организација. Бил честопати затваран и тепан и како последица на тоа набргу умрел оставајќи ја жена му Наца со две малолетни деца. Димитар Пинџуров е роден во Ватша во 1884 година, завршил основно училиште и двокласна нижа гимназија во Кавадарци , а потоа го продолжил образованието во солунската машка гимназија.

 

По завршувањето на училиштето извесен период работи како учител во селото Рожден се до моментот кога турските власти не откриле дека се занимава со револуционерна дејност. Во пролет 1905 година заедно со Лазо Сојтериев и Никола Шишков заминуваат во четата на војводата Добри Даскалов. Учествува во Ресавскатаборба во јули 1905 година, а како последица на тоа сознание турците во Ваташа ја апсат неговата сестра Таска и ја убиваат. Во 1906 година преминува во четата на војводата Апостол Петков а нешто подоцна и во четата на Аргир Манасиев каде што ја врши должноста секретар на четата.

 

                По Младотурската револуција Диме Пинџуров се сели во Гевгелија и е еден од раководителите на Народната федеративна партија од овој град. Тој е жесток борец против појавата на гркоманството во овој крај. Во 1911 година се враќа во Тиквешијата и истата година се жени но неговиот темперамент не мирува. Незадоволен од ветувањата на младотурците, се одметнува во планината и се приклучува во четата на војводата Христо Чернопеев. Активно учествува во Балканските војни во единиците на МОРО, основани од страна на Јане Сандански. Во јуни 1913 година активно учествува во Тиквешкото востание а бил избран и за член на на Главниот штаб на востанието.

 

По задушувањето на востанието се преселува во Струмица, од каде повторно заминува во четата на војводата Христо Чернопеев. Во 1914 година во Струмица доаѓаат неговата мајка и сопруга и извесен период тој води мирен живот работејќи како учител. На 5. март во Струмица му се раѓа синот првенец , на кој неговиот кум Христо Чернопеев му го дал името Страхил   . Диме Пинџуров загинува во борбите кај Криволак за време на Првата светска војна како подофицир во Првиот македонски полк на 15. октомври 1915 година .

Петре Камчевски



Share

Додади коментар