Утре Кавадарци ќе одбележи 69 години од ослободувањето
06-09-2013 РЕГИОН

Со низа активности Кавадарци утре ќе ја одбележи 69 годишнината од ослободувањето. По тој повод  градоначалникот и советот во соработка со културните институции организираат пригодни настани со кои достојно ќе се одбележи значајниот датум.

Според програмата, одбележувањето на 7 Септември ќе започне уште вечерва во Музеј-галерија Кавадарци, каде во 20.00 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на академскиот ликовен уметник Ристо Соколов-Сокол.

Утре пред споменикот на Слободата и револуцијата на градскиот плоштад, градоначалникот, Советот, општинската организација на Борците и подржувачите на придобивките од НОБ, како и претставници на политичкиот стопанскиот и културниот живот ќе положат букети цвеќе, во спомен на жртвите  и борците од народно ослободителната војна 1941-1945 година.

Советот на општина Кавадарци утревечер  со почеток во 20.00 часот  во салата на домот на културата ќе ја одржи традиционалната Свечена седница со која ќе претседава претседателот Горица Пеливанова Вилхелм, а покрај членовите на Советот ќе присуствуваат и гости претставници на јавниот  живот во општината.

Согласно дневниот ред обраќање пред присутните и јавноста ќе има градоначалникот на општина Кавадарци Александар. Се очекува тој да им оддаде признание на сите кои го дале својот живот за слободата на Кавадарци и Македонија, а ќе направи ретроспектива на постигањата на општината  во периодот меѓу двата празника.  Панов дел од говорот ќе насочи кон идната соработка во работата на новиот состав на Советот.

На седницата ќе биде доделена и  наградата 7 Септември. Ова највисокот општинско признание годинава ќе го добијат Музеј-галеријата Кавадарци, средношколецот Ѓорѓи Шемов и академскиот ликовен уметник Владимир Темков-Шефе.

Во културно уметничкиот дел на седницата ќе настапат репродуктивните уметници Ана Арангелова-пијано, Лазар Соколов-кларинет. Настап ќе има баритонот Ристе Велков, во пијано придружба на Јанинка Нефчева, а како гостин ќе се претстави тенорот Марјан Николовски.

Пред почетокот на свечената седница во Градската галерија на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ ќе биде отворена ретроспективната изложба на ликовниот уметник Владимир Темков-Шефе посветена на неговиотјубилеј 30 години творештво.



Share

Додади коментар