Утре кавадаречкиот совет ќе ја одржи редовната трета седница
29-11-2017 РЕГИОН

 

Советот на општина Кавадарци на третата редовна седница закажана за во четврток ќе ги формира општинските комисии, а советниците ќе добијат овластување да можат да учествуваат при постапките за склучувањето бракови.

 

На дневен ред на третата седница е и одлуката за ставање вон сила на одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, финансирање, изградба, стопанисување и пренос на мала хидроцентала на водоводот Лукар. Советот треба да донесе одлука со која ќе го задолжи ЈП Комуналец Кавадарци за изградба на петата ХЕЦ на Лукар и да изврши реконструкција на МХЕЦ Лукар 1,2,3 и 4.

 

Советниците ќе одлучуваат и за предложените измени и дополнувања на програмата за развој и на програмата за изработка на урбанистички планови. Ќе се разгледува програмата за работа на зимската служба и извештајот за работењето на ЈП Комуналец за период од 1 јануари до 30 јуни годинава.

 

На седницата ќе се именуваат членови во управните одбори на центарот за социјална работа,детската градинка и Комуналец.

 

Пред советниците е и годишниот план за вработување за 2018 во Детската градинка и одлуката за давање согласност за потпишување на договори за грант од КФВ банка наменет за финансирање на инвестиции и техничка помош за општината и ЈП Комуналец.

 

А.Д

           

           

 



Share

Додади коментар