Утре граѓански собир за спас на градскиот парк во Кавадарци
02-04-2018 РЕГИОН

 

Сите кавадарчани кои се против градењето во близина на градскиот парк се поканети својот револт да го искажат на граѓанскиот собир закажан за утре од 17 часот.

 

Организатор е граѓанската иницијатива за спас на градскиот парк во Кавадарци. Тие ги повикуваат граѓаните да се вклучат во граѓанскиот собир, како што нагласуваат, за подигање на еко свеста и борба против урбаната мафија и неправедностите во општеството.

 

„Собирот ќе започне пред општинската зграда на градскиот плоштад и ќе продолжи кон градскиот парк, пред просторот кој го претворија во градежна зона. Ве замолуваме за масовност и голема поддршка. Напоменуваме дека ова е надпартиски граѓански собир“ стои во поканата на социјалните мрежи од оваа граѓанска иницијатива.

 

„Имаме сознанија дека во паркот се планира изградба на уште најмалку 5 згради. Денеска бевме сведоци на почеток на рушење на ноќниот клуб Александрија, каде што се планира изградба на уште една зграда. Со тоа трајно се уништува белегот и гордоста на нашиот град. Замислете на што ќе изгледа нашиот парк со изградба на уште неколку згради?! Мора секоја индивидуа да се крене против оваа узурпација од страна на урбаната мафија!“ порачуваат иницијаторите за спас на градскиот парк и додаваат дека со уништувањето на Градскиот Парк, од каде што доаѓа чистиот и свеж воздух, односно претставува природен филтер на градот, само ќе се придонесе за зголемување на стапката на канцерогени и респираторни заболувања кај граѓаните, чиј што број и онака е меѓу највисоките во државата.

 

А.Д



Share

Додади коментар