Како што веќе е запозната јавноста, Општина Кавадарци преку јавно приватно партнерство ќе го решава проблемот со паркирање во градот, кој е посебно изразен во последните години, кога се зголеми и бројот на возила.
Советниците од владеачкото мнозинство на последната седница едногласно ги подржаа измените на одлуката за тарифи и цени по зони за паркирање, додека опозицијата беше против.
Согласно изменетата одлука зонското паркирање ќе се врши во три зони и тоа за паркирање во прва зона во периодот од 07 до 24 часот ќе се плаќа 30 денари за еден час паркирање. Во периодот од 24 до 7 часот паркирањето ќе биде бесплатно. Во втората зона возчите кои ќе го паркираат своето возило за првиот час, во периодот од 07 до 24 часот ќе плаќаат по 20 денари, додека секој нареден час ќе биде поскап од претходниот. Бесплатно ќе се паркира и во втора зона од 24 до 7 часот.
10 денари за еден час паркирање во трета зона возачите ќе плаќаат во периодот од 07-18 часот, додека нема да се наплаќа за паркирање од 18 часот до 07 часот.
Во одлуката која ги утврдува цените за зонско паркирање, утврдено е и повластено паркирање кое ќе го имаат станарите од колективните станбени заедници, лоцирани во зоните. Дозвола за повластено паркирање ќе издава концесионерот по претходно поднесено барање од станарот, сопственик на возило. За едно возило месечно ќе се плаќа 300 денари повластено паркирање и во прва, втора и трета зона. За две возила, цената е 500 денар.
Право на резервирано паркирање ќе имаат правни лица кои имаат деловно седиште и корисничко право во зоната. Во прва зона правниот субјект за една година треба да плати 45 илјади денари, за втора зона 30 илјади и 20 илјади денари за паркирање во третата зона.
Согласно општинската одлука, за зонско паркирање ќе постои и месечна паркинг карта и тоа два типа. Еден тип за правни лица кои имаат деловно седиште во зоната. Вотриот тип ќе важи за физички и правни лица.
Ослободени од плаќање паркинг ќе бидат само возилата на брза помош, полиција и против пожарна служба.
За непријавено паркирање ќе се ставаат блокатори и ќе се наплаќа надоместок од 1000 денари како казна за непријавено паркирање.
Ангел Данов
Додади коментар