Заврши уште еден циклус од шест месеци од проектот за општо корисна работа – грижа на стари, изнемоштени, инвалидизирани и лица со оштетен вид. Беа ангажирани 12 невработени лица за месечен надомест од 8268 денари во кој е вклучен и персонален данок.
Ангажираните лица имаа скратено работно време од 20 часа неделно, а нивни работни обврски беа да набават и достават лекови, храна и други намирници, плаќање на сметки и заедничко дружење со лицата кои побараа таква помош од општината и беа вклучени во проектот.
Денеска градоначалникот Митко Јанчев им додели потврди за успешно спроведени работни обврски на лицата кои пружеа помош и оцени дека проектот е огромно значење за да им се помогне на лицата кои не се во можност да ги извршат основните обврски.
Бидејќи се покажа како мошне корисен, градоначалникот најави дека проектот ќе продолжи и во наредниот период.
Со програмата беа опслужени 48 крајни корисници, стари, изнемоштени, инвалидизирани лица и лица со оштетен вид, односно секој неговател опслужуваше четири крајни корисници. Лицата кои беа ангажирани како негователи претходно посетуваа обука во организација на УНДП за негователи од акредитирана институција од каде добија и сертификати.
Од општината нагласуваат дека со имплементацијата на овој проект во однос на социјалната заштита се зацврсти позицијата на општината како општествено одговорна заедница. Исто така постигнато е намалување на чувството на осаменост кај 48 стари и изнемоштени лица, а се охрабрија и мотивираа невработените лица од ранливите категории кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот.
Ангел Данов
Додади коментар