Успешно работи Малиот групен дом во Кавадарци за деца во ризик. Денеска предадена донација за дечињата
07-09-2013 РЕГИОН

Четири дечиња на возраст до 14 години се сместени во Малиот групен дом во Кавадарци кој започна да работи од крајот на април годинава. Овде се затоа што биле запоставени од своите родители и не им е пружена соодветна родителска грижа за правилен  развој.

Со нив работи стручен тим со цел да ги едуцира, да им го подобри однесувањето, со единствена цел и тие да имаат детство како и останатите нивни врсници.

„Имаме одлична соработка. Дечињата целосно ги прифаќаат нашите стручни совети. Се надеваме дека брз ќе бидат ресоцијализирани“ велат стручните лица кои работат во домот.

Дечињата, пак,  се премногу задоволни од третманот кој го имаат во овој заеднички дом. Велат,  учиме, другаруваме, едноставно денот ни е радосен и исполнет. Задоволни се од условите каде се сместени и им минуваат деновите. Ќе останат овде неколку месеци, се додека не покажат резултати во нивното однесување.

Денеска нив ги посетија волонтери од „СВТ Алумни Македонија“, невладина организација која во соработка со Младинскиот совет при американската амбасада им донира училишен прибор, облека, спортска опрема, играчки. Децата беа презадоволни од подароците кои ги добија.

„Целта на акцијата е да се одбележи 11 септември, денот на сеќавањето, денот на кој американскиот претседател Барак Обама ги повика младите од целиот свет да им помогнат на сите оние на кои што им е неопходна помош во било каква форма. Денеска ваква хуманитарна акција реализираме паралелено и во Струмица и  Берово“ рекоа волонтерите вклучени во оваа хуманитарна мисија.

Денешното дружење тие со децата од малиот групен дом во Кавадарци го започнаа со активности за разубавување на просторот каде се сместени штитениците. Потоа следеа интерактивни игри преку кои децата учеа нови вештини, а им беше презентиран и документарен филм за кој што подоцна имаше интерактивна дискусија.

„Благодарност до гостите за нивната посета, донација, нивниот придонес за работата во Малиот групен дом за деца во ризик до 14 годишна возраст. Веќе во Кавадарци имаме секојдневна соработка со Креактивм а добредојдена е секоја друга соработка и други субјекти од невладиниот сектор“ рече директорката на Центарот за социјални работи Кавадарци, Вања Маневска.

Ангел Данов



Share

Додади коментар