Меѓу дванаесте големи христијански празници спаѓа и празникот на Успение на Пресвета Богородица,во народот познат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците,овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири – вели кустос етнолог Томе Крстевски од музеј галерија Кавадарци.
Народот верува дека Богородица е заштитничката на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи , се молат и пренесуваат дарови.
Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири,панаѓури и сл. кои траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Свето Благовештение, Богородичен појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл.
По раѓањето на Исус Богородица живеела уште 48 години,извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус,а по неговото распетие и воскреснување кај неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.
Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус и порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син,а нему му порачал да ја има за своја мајка.
Животот Богородица продолжила да го живее со Јован Богослов и останатите апостоли во Ерусалим следните 10 години. Но, по прогоните на христијаните од страна на Ирод со ждрепка решиле кој каде да го проповеда евангелието.
Јован со Богородица отишле во Ефес,од каде таа ги посетувала сите апостоли и важни датуми и настани,а во овие посети некои истражувачи гледаат зародиш на христијанскиот аџилак.
Богородица често го посетувала гробот на својт син го молела што побргу да ја земе кај себе. Истиот оној архангел Гаврил што и ја соопштил благата вест дека ќе се роди Спасителот, сега и кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. И предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. А, со тоа таа ги повикала сите апостоли да се соберат и да се подготви за напуштање на овој свет. По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот светиот апостол Јован ја носел рајската палмова гранка,а останатите апостоли го носеле телото на Богородица,а над нив се слушало пеењето на ангелите.
Три дена апостолите пееле псалми,а во воздухот се слушало пеењето на ангелите. Третиот ден по погребот апостолот Тома многу жалел за тоа што не можел да присуствува на погребот посакал да му го отворат гробот и види телото на Богородица. Апостолите му ја исполниле желбата,го отвориле гробот, но на општо изненадување телото не било внатре. Имало само погребни платна од кои се ширел пријатен мирис.По некое време во гробницата се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погребот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото. Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот познат како Голема Богородица се празнува на 28 Август и има значајно место во христијанскиот свет.
кустос етнолог Томе Крстевски

Додади коментар