Со 10 гласа „за“ и 6 „против“ Советот на општина Кавадарци денеска ги усвои, кварталниот извештај за извршувањето на буџетот на општината за 2013 –трет квартал и ребалансот на буџетот. По основ на овие документи од финансиското работење се разви подолга дискусија. Опозицијата постави бројни прашања и констатира дека слаба е реализацијата на приходите во буџетот поради што и гласаа против извештајот и ребалансот.
Советникот од СДСМ, Зоран Бањански констатира дека кварталниот извештај за третиот квартал бил копија на претходните. Нагласи дека немало ни 40 отсто реализација на ребалансираниот буџет во јуни и дека буџетот немал развоен карактер. „Слаба е наплатата на даночните приходи. Сето тоа покажува дека луѓето одвај крпат крај со крај. Правните лица, пак, неможат да ги наплатат своите обврски, а поради тоа го пролонгираат и плаќањето на давачките кон општината“ рече Бањански.
Градоначалникот оцени дека дел од критиките на Бањански биле тенденциозни. Праша дали изработката на нов ГУП за Кавадарци, решавањето на проблемот со водоснабдувањето, реконструкцијата на образовните институции не било развојна компнента на општината. Околу обвинувањата за слаба наплата на даноците од граѓаните и фирмите, Панов одговори дека се чекаат граѓаните доброволно да платат данок на имот, а фирмите фирмарина, по што ќе се одело на присило собирање на средствата.
Советничката Милица Андова обвини дека 69 милиони денари од буџетот биле потрошени непродуктивно и праша кога ќе се исплаќале долговите на општината за кои веќе советот имал донесено одлуки. “Да не е празна касата на општината што не се исплаќаат долговите на општината“ праша Андова. Градоначалникот со одговор дека не била толку празна касата колку што биле големи апетитите на граѓаните за поголема комунална изградба и за социјални трансфери.
Советникот од ГРОМ, Димитар Зарков јавно кажа дека ќе го подржат кварталниот извештај и ребалансот на буџетот.
„Слабата реализација на приходите ги доведува во прашање вашите менаџерски способности. Неможеме да очекуваме развој на Кавадарци кога имаме 26% реализација на капитални приходи“ рече советникот Горан Белевски од СДСМ и апелираше до градоначалникот да прекинела праксата на партиски вработувања.
„Остварувањето на буџетот е 8 милиони денари поголемо споредено со ланскиот што значи дека не се доведуваат во прашање моите менаџерски способности“ одговори градоначалникот на обвинувањата од Белевски нагласувајќи дека не се вработувале само партиски кадри за што добил признние од синдикатот, дека по стапување на функцијата не избркал никого од работа кој бил од друга политичка партија.
По долгите дискусии, реплики и одговори сепак извештајот за третиот квартал за извршувањето на буџетот и ребалансот беа усвоени.
„остварувањето на вкупните приходи по сите основи за периодот од 1 јануари до 30 септември годинава е во износ од 382.481.583 денари во однос на планираните 681.182.000 денари или 56,15%“ стои во кварталниот извештај.
Со ребалансот на основниот буџет се изврши намалување на претходно планираните 320 милиони денари за 46 милини, со што по ребалансот, средствата во основниот буџет се 273.735.000 денари. Буџетот од самофинасирачки активности е намален за 555 илјади денари, а за над 7 милиони денари буџетот на донации.
На денешната седница беа усвоени и програмите за развој, одлуката за одобрување на финансиски средства од буџетот на општината за изградба на црквата „Св. Петка“, урбанистички одлуки и програмата за организиран дочек на новата 2014 година и одбелеување на божиќните празници.
Ангел Данов

Додади коментар