Усвоен буџетот на Кавадарци за следната година
27-12-2013 РЕГИОН

Кавадарци го доби буџетот за 2014 година, најважниот финансиски документ на општината. Општинската каса за следната година е проектирана на 10.794.000 евра. Опозицијата гласаше против,  со образложение дека буџетот нема развојна компонента и дека тешко ќе можел да се реализира.

Градоначалникот Александар Панов го образложи финансискиот план нагласувајќи дека и овој буџет е насочен кон комунална изградба со цел да се подобрат условите за живот на кавадарчани.

„За 2013 година имавме буџет од 676 милиони денари. За 2014 буџетот е помал за 13 милиони денари. Планирани се средства за катна гаража, доисиплата на проектот за водоснабдување, за аква парк со јавно приватно партнерство, деловно трговски центар, локални патишта“ рече Панов и побара советниците да дадат едногласна подршка.

Аргументите на градоначалникот не беа доволни за опозицијата да го подржи буџетот. Советниците обвинија дека пред нив е буџет кој тешко ќе можел да се реализира.

Советникот Горан Белевски побара да се обезбедат средства за доизградба на колекторот Глишиќ-Марена за да се решел проблемот на жителите од овие населени места. Тој имаше поднесено и амандман за да се обезбедат средства од буџетот за изградба на паркинг за камиони.

„Најмногу се става акцент на тоа дали буџетот е развоен. И минатиот буџет имаше развојна компонента но тоа остана само на хартија. Се сомневам дека овој буџет ќе се реализира. Најмногу сомнеж имам во делот на комуналната изградба“ рече меѓу другото во својата дискусија советникот Зоран Бањански и апелираше да се надополнел капацитетот на одделот за развој за да се изготвуваат повеќе проекти.

Со планирањата во буџетот не се сложи и совентичката Милица Андова од СДСМ. Рече дека општината имала долгови кон градежните фирми поради што тие размислувале и да не учествуваат на тендери се додека не ги добијат парите што им ги должела општината.

Советникот Диме Зарков од ГРОМ кажа дека неговата советничка група ќе даде подршка на буџетот и дека делумно биле усвоени нивните амандмани.

На изнесените забелешки од опозицијата, одговараше градоначалникот и рече дека буџетот е амбициозен и дека планирањата ќе бидат реализирани, бидејќи биле реални.

За разлика од минатите години кога дискусиите за буџетот беа со времетраење и од неколку часа, годинава општината го доби буџетот за помалку од 90 минути. „За“ гласаа 12 советници , а шестмина беа против.

На денешната единаесета седница беше усвоена и одлуката за извршување на буџетот, буџетскиот календар за донесување на буџетот за 2015 и одлуката за благајнички максимум. Советот даде подршка и на одлуката за пренос и намена на финансиски средства од сметката на Фондацијата за подршка на мали бизниси на сметката на буџетот на општина Кавадарци, донесена од одборот на фондацијата.

Со одлука на советниците се надополни програмата за развој на општина Кавадарци за 2014 година со проект насловен „Дневен центар за корисници на дрога“. Овој центар е планирано да се отвори во Кавадарци со цел да им даде помош, подршка и советување на нарко зависниците и нивните семејства во насока на намалувањето на последиците од дрогата.

Беа одобрени и средства за Домот на културата „Иван Мазов Климе“ за реконструкција на салата.

Ангел Данов



Share

Додади коментар