Универзитетот „Гоце Делчев“ се претстави пред средношколците
27-04-2017 РЕГИОН

На градскиот плоштад во Кавадарци денеска Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип во рамки на отворениот ден им ја доближи на идните студенти понудата за студирање.

 

Беа презентирани условите за студирање, организационата структура на Универзитетот, кампусите, можностите за вклучување во истражувачки, студентски, спортски активности, за учество во програмите за студентска размена и посета на познати светски универзитети, како и запознавање со можностите на електронскиот индекс и добивање на стипендии.

 

Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Блажо Боев, рече дека како Универзитет се разликуваат поради тоа што се блиски со средношколците – идни студенти.

 

„Универзитетот дава квалитетно образование кое ќе им служи на студентите во животот, дека со тоа образование ќе најдат работа, ќе работат во нашата држава и ќе можат да направат размена со другите универзитети во Европа, да поминат еден или два семестри, да стекнат пријателство и да видат како живеат другите во Европа“ рече Боев.

 

Проректорот за настава проф. д-р Кирил Барбареев е задоволен од интересот кој средношколците идни студенти го покажуваат кон Универзитетот „Гоце Делчев.

 

„Во моментот УГД е структура со 122 факултети и 3 уметнички академии. Станува збор за повеќе од 100 студиски програми. Можностите се огромни. Правниот факултет, економскиот, факултетот за медицински науки, факултетот за информатика, образовните науки, електро техничкиот, природно- технички науки, значи една широка понуда со цел секој млад човек да си ја пронајде својата професија. Од друга страна можностите на универзитетот се и брза трансформација за префрлање, бидејќи поголем дел од студентите после прва година сакаат да се префрлаат, така да структурата е скоро 80 % идентична со предметните програми на сите факултети. Потенцијали има многу. УГД се обидува не само студирањето туку и  социјалниот живот на студентите  да биде составен дел на ова што претставува студентски стандард“ изјави  проф. д-р Кирил Барбареев.

 

На прашањето каков е интересот за енологијата, проф Барбареев нагласи дека заедно со бизнис секторот и државата е потребно да се развива оваа студиска програма, бидејќи во овој регион се произведува вино познато во светот.

 

„Универзитетот смета дека таа студиска програма треба дополнително да се развива. Идејата на УГД е таа програма да се развива со стопанството. Јас сериозно мислам дека Кавадарци, Неготино, Демир Капија ако се региони познати во светот дека прават добро вино, зошто да не се отвори елитна студиска програма за енологија  во државата и тоа во Кавадарци и тоа да биде студиска програма рамна со било која светска студиска програма. Тоа се прашање кои не се само прашања на УГД, туку се прашања и на стопанството на владата односно на МОН. Познати се искуствата од такви споделени одговорности“ нагласи проректорот Барбареев.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар