Убедлива победа на Митко Јанчев и ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци
18-10-2021 РЕГИОН

Во фер и демократска атмосфера помина вчера гласањето на локалните избори во Кавадарци. Кавадарчани имаа за избор двајца кандидати за градоначалник и богата понуда од дури 13 советнички листи. Од вкупно запишаните 32.163 граѓани во избирачкиот список, правото на глас го искористиле 20.985 граѓани или 65,25% од граѓаните со право на глас.

 

Актуелниот градоначалник Митко Јанчев со убедливо мнозинство од гласовите го обезбеди вториот мандат за градоначалник како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Според резултатите објавени од ДИК, Јанчев освои 15.182 гласа, а неговиот против кандидат од СДСМ, Горан Тодоров 4.677 или процентуално Јанчев освои 72,35 отсто од вкупниот број гласови. Избирачките одбори утврдиле 1.126 неважечки ливчиња за градоначалник.

 

На изборите во 2017 година, Јанчев освои 12.077 гласа и го победи неговиот против кандидат на тие избори Бетиан Китев со помалку од 600 гласа разлика, но на овие избори бројките покажуваат дека Јанчев има обезбедено плус 3000 гласа.

 

Новиот состав на кавадаречкиот совет ќе биде со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ. Од советничката листа, чиј носител беше д-р Стојанчо Рамов влез во советот обезбедија десет кандидати или во гласови, ВМРО-ДПМНЕ освои 8948 гласа за советничка листа. СДСМ влегува во советот со пет советници или 4.490 гласа. Ристо Сакалиев со својата независна листа обезбеди две советички места (1742 гласа), а по едно место освоија Левица (1005 гласа)  и независната листа предводена од Јован Златевски (977 гласа).

Од гласачките ливчиња за советници избројани се 851 неважечко ливче.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар