Лозарите од Кавадарци вечерва добија ветување од лидерот на СДСМ и носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица Зоран Заев дека грозјето ќе се откупи по добра цена, бидејќи со време биле обезбедени пари во буџетот, доколку визбите повторно би манипулирале со цената.
„Ова година око да не ви трепне за грозјето. Три години бевме со вас, ќе бидеме и сега. Ставивме пари во буџетот да се откупи целото грозје и добро да се плати“ рече Заев.
Тој пред кавадарчани говореше за постигнатите резултати во мандатот на владата предводена од СДСМ. Ја спомна поддршката за лозарите со редовни и навремени субвенции, исплата на заостанати долгови од винарските визби со посебен закон, а најави дека лозарите кои не добиле сеуште пари од „Повардарие“ и „Стефани“, а го предале грозјето на луѓе кои откупувале за овие визби ќе добијат со дополнителни законски измени.
„Кочеа многу, правеа сопки да ја спречат иднината, но успеавме да оствариме вековни соништа. Политичарите 30 години немаа храброст . Дојдов јас Зоран Заев, од село Муртино да покажам дека прашањата мора да се решаваат. Изгубивме 30 години. Децата ни заминаа. Зошто? За да опстојуваат политчарите на политичката сцена“ рече Заев.
Нагласи дека сега земјава е членка на НАТО, идентитетот ни е загарантиран а јазикот признаен. За своите опоненти од ВМРО-ДПМНЕ рече дека воделе негативна и црна кампања, без да им дадат на граѓаните конкретна понуда.
„Патриоти се тие што го убија Добри Даскалов, а го слават Тодор Александров? Заврши нивниот патриотизам. Сите сме ние ВМРО. ДПМНЕ не е никој од нас. Немаат ни Д од демократија. До кога ќе не лажат со светите букви на ВМРО?“ праша Заев.
Најави повисоки плати и пензии и враќање на парите кај граѓаните. Во првите сто дена експертска комисија ќе почнела да работи на прочистување на судството, ќе се донел закон за легализација на сите дивоградби, а ќе се почнеле и реформи во обрзованието.
За носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица Александар Николовски, Заев рече дека бил полош и од Никола Груевски.
„Николовски не знае ни што е грозје ни што е ракија. Тој може во Охрид да зборува за туризам, за пастрмка и плашица. Тој е прв бандит, десна рака на Груевски. Тоа е едно клето човече. Сака Мицковски ако изгубе, тој да стане претседател. Во Охрид има цела хациенда, затоа избега од таму и дојде тука да продава приказни“ нагласи Заев.
Тој рече дека владата имала одлична соработка со градоналникот на Кавадарци, Митко Јанчев, иако е избран од ВМРО-ДПМНЕ. Ги спомна реализираните проекти со поддршка од државата, реконструираниот влез во градот од Росоман, мосот во Ваташа, а најави дека поддржан е и проектот за реконструкција на влезот во Кавадарци од Неготино, а патот Кавадарци – Неготино ќе биде со три ленти.
Пред кавадарчани говореа и кандидатите за пратеници Даниела Колева,Панчо Минов и Соња Мираковска. Сите ја побараа поддршката од кавадарчани, за како што рекоа државата да продолжи напред, а не да се враќа назад во режим.
Минов рече дека ќе се борел за повисока цена на грозјето. ГИ посочи своите успеси со донесување на закон за исплата на старите долгови кон лозарите. Рече дека ќе работел на лозаро-винарски патриотизам и утврдување на вистинска производна цена на грозјето.
Кандидатката за пратеник од Кавадарци, Даниела Колева рече дека како претставник од образованието ќе даде придонес за развој и подобра иднина за наставниците и професорите.
„50 илјади работни места се отворија во изминативе три години. Со владините мерки млади луѓе отвораа свој бизнис. Минималната плата до крај на мандатот ќе стигне до 20 илјади денари“ рече Колева.
Мираковска нагласи дека била убедена дека граѓаните не сакаат враќање на режимот.
„На 15 јули решаваме каква ќе биде нашата иднина. Дајте ни можност наредните 4 години да работиме за вас“ рече таа.
Граѓанскиот активист Ненад Јовановиќ исто така имаше свое обраќање на трибината. Говореше зошто е потребно да се поддржи на овие избори СДСМ, Заев и коалицијата „Можеме“.
„Ќе гласам за Зоран Заев затоа што ми е доста од насилници и убиства. Доста ми е од приказни за федерализации и кантонизации. Доста ми е од лажни вести“ нагласи Јованови.
Ангел Данов
„
Додади коментар