Жителите од висока зона-запад, селата Возарци и Шивец и комбинатот Фени индустри веќе трет ден немаат вода за пиење. Прекинато е водоснабдувањето поради голем дефект со кој се соочи Комуналец. Три дена се копа во месноста „коњски дупки“ каде што е настанат дефектот на водоводната линија фи 150. Но, тешко оди санацијата на дефектот. Иако беше планирано дека проблемот ќе се реши и вода ќе потече во чешмите синоќа по 18 часот сепак тоа не се случи.
“Проблемот е голем. Не сме прекинале со работа. Интензивно работиме и се надеваме дека во текот на денот ќе можеме да пуштиме вода. Ископана е дупка од неколку метри за да се санира дефектот на линијата, но сепак санацијата оди тешко. Вчера околу 16 часот направивме спој на линијата, но силниот притисок повторно ја исфрли цевката на спојот. Работевме се до 23 часот и повторно се случи истиот проблем. Оптимисти сме дека денеска конечно ќе завршиме со проблемот. Направивме т.н бај пас. Поставаме друго црево преку кое треба да потече вода“ ни рече во телефонски разговор раководителот на о.е водовод, Марјан Прескакулев. Тој објаснува дека таквото решение е од привремен карактер само да се обезбеди вода за граѓаните, а веќе од наредните денови на тој потег ќе се работи на поставување на нова линија.
Граѓаните ги напушта трпението. Лути се што три дена се останати без вода на температури од 40 степени. Реагираат и до нашата редакција. Велат дека не е во ред со денови да останат без вода. Велат дека на овие горештини е голем проблем да се нема вода ниту за најосновните хигиенски потреби.
Ангел Данов
Додади коментар