Тиквешкиот регион има туристички потенцијал и може да биде една од најпосакуваните туристички дестинации беше речено денеска на работилницата на тема „Утврдување на заеднички активности и визионирање на кластерот за вински туризам во Тиквешкиот регион“. Работилницата ја организираше Агенцијата за индустриски развој на Обединетите Нации – УНИДО во соработка со општина Кавадарци, а целта е да се воспостави дијалог помеѓу сите чинители во туризмот во Тиквешкиот регион, за заеднички да се изгради визија и мапа на активности на кластерот кои ќе придонесат кон остварување на визијата.
Резултатите од направената SWOT анализа покажале дека историјата на тиквешкиот регион, а и неговиот идентитет е силно поврзан со виното, односно со традицијата за одгледување и производство на вино.Тоа е една од силните страни на регионот како туристичка дестинација, додека малите капацитети на винариите за примање на посетители и немањето доволно сместувачки капацитети во Кавадарци, Неготино и Демир Капија се посочуваат како слаби страни во туристичката понуда на регионот.
Покрај претставниците на УНИДо и општината, на работилницата учествува и претставници од Министерството за економија, одделот за туризам, како и претставници на Националната агенција за туризам. Кластерот во моментов е составен од 25 идентификувани релевантни чинители во туризмот во овој регион, но истиот останува отворен за нови членки кои имаат желба да придонесат во процесот на позиционирање и промовирање на Тиквешкиот вински регион како посакувана туристичка дестинација.
УНИДО е специјализирана агенција на ОН која го промовира индустрискиот развој во насока на намалување на стапката на сиромаштија, инклузивна глобализација и одржлива животна средина. Агенцијата исто така има мандат да го промовира и забрза инклузивниот и одржлив индустриски развој во земјите во развој и економиите во транзиција.
A.Данов
Додади коментар