Тактики и пресметки - сеуште не се потврдени кандидатите за градоначалник на Кавадарци
06-09-2017 РЕГИОН

 

Изборите за прв човек на општината се наближуваат, а политичките партии сеуште тактизираат и прават калкулации кој ќе биде кандидатот што може да му донесе победа. Низ кавадаречката чаршија веќе со денови се вртат сите можни кандидати за татко на Кавадарци.

 

Бетиан Китев, актуелен пратеник во македонскиот парламент, Зоран Ѓорѓиев – директор на ЈП Македонски шуми и претседател од општинската организација, Зоран Бањански - координатор на советничката група на СДСМ во кавадаречкиот совет и д-р Дукадин Маневски се имињата на можен кандидат за градоначалник на СДСМ.

 

Се шпекулира дека Китев имал највисок рејтинг на анкетите кои постојано ги прави партијата за да се избере кандидатот, кој најдобро може да помине. Тактизираат и од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Сеуште е непознато дали претседателката на советот Горица Пеливанова-Вилхелм, координаторот на советничката група Зоран Јованчев или пак сопственикот на „Кожувчанка“, Митко Јанчев ќе бидат дел од трката за градоначалничката фотеља. Актуелниот градоначалник, Александар Панов вели дека не поднел кандидатура во партијата за трет мандат, но не ја исклучува можноста доколку партијата тоа го побарала од него да биде повторно градоначалнички кандидат.

 

Она што неофицијално се говори е дека Митко Јанчев е со висок рејтинг во анкетата на ВМРО-ДПМНЕ и не се исклучува можноста да ја добие подршката за нивен кандидат. Кавадаречката чаршија шпекулира и со името на Панчо Минов, поранешниот градоначалник на Кавадарци. Тој сега е дел од ГРОМ, коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ и наводно било договорено тој да ја добие подршката за градоначалнички кандидат.

 

Единствено Борис Давидов на прес конференција потврди дека ќе биде независен кандидат за татко на Кавадарци. Тој ги собрал потребните потписи и веќе ја доставил кандидатурата до ОИК. Давидов им заблагодари на кавадарчани за подршката што му ја дале. Познато е дека досегашните советници во советот на општината, Ристо Сакалиев и Димитар Зарков се носители на независни советнички листи за изборите на 15 октомври.

 

Политичките партии како за кандидатите за градоначалник, така и за советничките листи сеуште прават пресметки.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар