Судска полиција најави протести

Незадоволни поради неисполнување на нивните права кои се предвидени во Законот за судска служба, вработените од судката полиција најавуваат протест.

Претседателот на Одборот за судска полиција Драган Јосевски денеска на прес-конференција рече дека бараат исполнување на нивните права согласно Законот, односно исплата на надоместокот за работа за време на празници и во денови на одмор, како и исплата на надоместокот за работа изложена на висок ризик.

„Судската полиција не е задоволна. Покрај со тужби со кои ќе ги бараме нашите права, незадоволството ќе го изразиме и со протест“, рече Јосевски.

Иако имале испратено писма со барања до надлежните, досега немале добиено никаков одговор, нагласи Јосевски.

Од Синдикатот на УПОЗ во кој членува Одборот за судска полиција, информираа дека до Уставниот суд е поведена и постапка за оценување на уставноста на членот од Законот за судска служба со кој им се ускратува можноста на вработените во судската полиција да конкурираат за местото командант на судската полиција.



Share

Додади коментар