Од град каде владееше дисциплина и бројот на инфицирани со корона вирус беше меѓу најниските, Кавадарци по се изгледа станува ново жариште на вирусот. За 48 часа дијагностицирани се 15 нови позитивни. Вчера петмина, денес двојно повеќе. Речиси сите дијагностицирани се млади луѓе од 18 до 40 години.
Ова станува алармантно, велат лекарите. Голем е бројот и на луѓе кои чекаат тестирање. Дел од новите позитивни се контакти на веќе заболени, но има и нови случаи. Загрижува и податокот дека најчесто младите или не знаат каде се заразиле или ги кријат контактите.
На социјалните мрежи стануваат се почести коментарите дека кавадарчани значително се опуштија, како вирусот да исчезна. Преполни се угостителските објекти и кафулињата. Се организираат семејни прослави, најчесто матурски. Ноќниот живот на младите е максимално опуштен. Се помалку се почитуваат мерките за заштита. Маски не се носат и на места каде фреквенцијата на луѓе е голема, а не се одржува ниту дистанца од 2 метри.
Лекарите велат дека посебно загрижува податокот, дека сеуште голем број луѓе мислат дека вирусот е измислица и не постои. Голем дел од граѓаните бараат здравствените власти повторно да воведат рестриктивни мерки, бидејќи се покажа дека сеуште ни е ниска свеста кон јавното здравје. Реакцијата од надлежните треба да биде брза, да не се дозволи бројот на нови позитивни да расте.
Апелот на лекарите е задолжително да се носи заштитна маска кога се влегува во места каде има многу луѓе, но и задолжително да се одржува дистанца. На тој начин ќе се спречи брзото ширење на вирусот кој ги полни болниците. Тие велат, дека родителите треба да ги информираат своите деца за опасноста од вирусот, но и за превентивните мерки. Потребно е сите заедно, со одговорно однесување да застанеме на патот на ширењето на овој вирус.
Ангел Данов

Додади коментар