Градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов продолжи со средбите со граѓаните. Втората фаза од редовната програма започна од селото Дреново каде Панов се сретна со жителите на ова село притоа образложувајќи им ја програмата за комунална изградба. Тој потсети дека во изминатите 5 години откако тој е градоначалник Дреново доживеа своевиден мал препород. Безмалку сите улици во селото се асфалтирани, исто така беше саниран и локалниот пристапен пат кој сега е без ударни дупки, значајно е подобрено уличното осветлување, а сред село се поставија и реквизити за детски забавен парк. Дреново како интензивна населба сега доби по урбанизиран лик, а со комуналните зафати од страна на општината се подигна и стандардот на живеење во селото.
На средбата која се одржа во салата на Домот на културата во селото, најголем простор се отстапи за прашања и сугестии од жителите. Повеќето од нив се однесуваа на проблемите со грозјето и сеуште неисплатените пари од ланската реколта, како и на дилемата дали годинава државата ќе го субвенционира лозарството. Икао надвор од надлежностите на градоначалникот, сепак Панов им вети дека ќе направи се што е во негова моќ да помогне во надминувањето на овие егзистенционални проблеми пред се во Владата и нејзините институции каде ќе ги пренесе забелеѓките и реакциите на лозарите.
Што се однесува до прашањата од комуналната изградба, дреновци најповеќе бараа да се реализира идејата за изградба на мељоративен систем за наводнување на дреновското поле со вода од Тиквешкото езеро. Градоначалникот Панов уште еднаш го повтори неговото изборно ветување дека со посредство на Владата и Тиквешко поле ќе се настојува оваа идеја да се реализира бидејќи станува збор за големи земјоделски површини.
Помладите жители на Дреново се интересираа дали постојат можности за расчистување на шутот од фудбалското игралиште под селото, како и за поставување на рефлектори на фудбалскиот терен во училиштето. Градоначалникот им рече дека и двете работи се релативно лчесно остварливи и реални со цел да се врати спорто во селото, информираат од Службата за односи со јавноста при локалната самоуправа.
Додади коментар