Проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)" има за цел промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија. Тоа е проект на Геостратешки институт „Глобал“ кој ќе се реализира во седум општини во Македонија, а од 6 јуни започнува од Кавадарци. Денеска во претседателската вила на Водно беше потпишан меморандум за реализација на овој проект.
Од секоја општина по 50 деца преку разни игри, фудбал, кошарка , со соодветни риквизити, ќе се забавуваат. На манифестација во Кавадарци на градскиот плоштад, претседателот на државата д-р Ѓорѓе Иванов, кој е по втор пат покровител на истата, ќе има целодневна активност со децата. Организаторот „Глобал“ се надева дека преку дружење, комуникација, размена на информација, младите ќе стекнат нови вредности, нови модели кои ќе доведат до бон-тон.
Предвидено е работилниците да бидат поделени во неколку групи и по половина час претседателот да ја посетува секоја работилница, а неговиот авторитет да придонесе за нови вредности кај младите.
„Спортот, како ретко која друга општествена активност, ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност. Спортот е сè појасен фактор за унапредување на интеркултурните релации, но и фактор кој во рамките на европската спортска политика ја зајакнува социјалната стабилност", рече претседателот Иванов на потпишувањето на меморандумот за реализација на овој проект.
Менаџерот на проектот „Спортски бон-тон“, Иван Анастасовски вели дека идејата за овој проект настанала пред неколку години.
„Како дел од Фудбалската Федерација на Македонија и нашите активности кои ги имавме со УЕФА, ни се наметна потребата да формираме здружение кое ќе работи на социјални програми подржани исклучиво од УЕФА. Така настана Геостратешки институт Глобал, кој има за цел глобално во светот на спортот да ги дружи младите и децата . Се обидуваме сите етнички социјални нивоа да ги држиме заедно. Градиме модел кој во иднина може да биде модел со кој ќе ги надминуваме сите негативности, не само во спортот туку и во други области. Систем, цврст модел кој преку игра,спорт, забава, цртање , децата ги учи дека треба да бидат едни со други, а не едни покрај други и ги учи како лутината да ја менаџираат и да можат да се справат со останатите кои се различни по вера или било по кој основ различни“ рече Анастасовски.
Проектот кој ќе ги дружи и едуцира младите е подржан и од амбасадата на САД но и од бизнис секторот.
„Ние како „Кожувчанка“ се вклучуваме со подршка во проектот. Ќе ги обезбедиме потребните реквизити за самата манифестација. Задоволство ни е што ова почнува од Кавадарци , голем настан кој понатаму ќе се развива“ рече во изјава за КТВ, сопственикот на „Кожувчанка“, Митко Јанчев.
Претседателот на државата кој ќе ги дружи младите рече дека тимската работа најдобро се учи, гради и надградува од најмладата возраст, и тоа преку спортот.
“Нашиот тим составен од илјадници ученици од Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште и Шуто Оризари, сега се зајакнува со илјадници нивни врсници од Аеродром, Валандово, Дебар, Кавадарци, Росоман, Теарце и Центар Жупа. Но, не запираме тука. Нашиот тим се вика Република Македонија со сите нејзини граѓани, со сите нејзини заедници, независно од етничката, верската или која било друга припадност, независно од полот и возраста", рече Иванов.
Ангел Данов

Додади коментар