Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во посета на граничен центар Југ во Кавадарци. Во изјава за медиумите Спасовски истакна дека РЦ Југ, активно работи во делот на справување со илегалната миграција и криумчарењето мигранти, на спречување и санкционирање на прекуграничен криминал, вклучувајќи го криминалот со моторни возила и фалсификување документи, но и по неколку актуелни и активни оперативни акции.
„Генерално, овој Регионален центар годинава бележи зголемување од 43% на откриените кривични дела, постапувајќи по 25 различни основи од Кривичниот законик. Најзначајното зголемување е кај кривичните дела фалсификување исправи, и тоа за 114%, давање поткуп за 300%‚ потоа кражба, давање на лажни докази и сл. Што се однесува до прекуграничниот криминал, кој во најголем дел е откриен на ГП Дојран, ГП Богордица и ПС Михајлово, откриените фалсификувани документи бележат зголемување од 39%, за 20 пати е евидентирано зголемување на откриениот криминал со моторни возила, додека за 8 пати на откриениот криминал со цигари“ изјави министерот.
Во однос на обидите за илегални преминувања, иако најголемиот притисок години наназад е токму на границата на Република Северна Македонија со Република Грција, годинава имаме за 50% намалување на бројот на обидите за илегално преминување на границата, односно отворање на нови рути во соседните држави. Како што рече Спасовски, тоа се должи на зајакнатите мерки и поефикасната контрола како на самата гранична линија, така и преку работењето на пунктови во внатрешноста и, секако, вклученоста на припадниците на Фронтекс. Бројот на откриени случаи на криумчарење на мигранти е сличен со минатата година, но ако го земеме предвид фактот дека бројот на мигранти во 2023 е намален за половина од лани, тоа говори за поголема ефикасност при откривањето на овие кривични дела во 2023 година.
„Во оваа прилика не можам, а да не го споменам зголемувањето на протокот на патници во однос на минатата година, и тоа за 25%, односно јужната граница во овие 11 месеци ја поминале речиси 5,8 милиони патници, а најфреквентен е ГП Богородица, каде зголемувањето изнесува цели 30%. Во однос на другите активности по споменатите оперативни акции, РЦ Југ бележи зголемување за 110% на откриениот криминал со огревни дрва, а за 6 пати се зголемени откриените случаи на шверц со наркотици“ - изјави Спасовски.
Тој информира дека и СВР Велес годинава бележи напредок во работењето, особено во однос на постигнатата вкупна откривачка ефикасност, која изнесува над 56%, со зголемување од 10%, споредбено со лани, а во делот на тешките кражби, бележи намалување на овој вид пријавени кривични дела за 39%.
„Во делот на недозволената трговија со дрога и оружје во текот овие 11 месеци, СВР Велес поднесе кривични пријави за 63 кривични дела против 73 сторители. Овој Сектор бележи зголемување од 28% и на поднесените кривични пријави во областа на организираниот криминал, додека евидентирано е намалување на прекршоците во врска со јавниот ред и мир за 15,7%.Од страна на СВР Велес заклучно со месец ноември 2023 година реализирани се вкупно 953 превентивни активности во сите области, што претставува зголемување за 43,9% проценти.
Очекувам и во наредниот период овие три организациски единици да продолжат со несмалено темпо во реализацијата на утврдените приоритети во насока на намалување на криминалитетот во сите негови форми и области, а посебно да ги зајакнат контролите и активностите во претпразничниот период, со цел одржување на нивото на безбедност и поволен јавен ред и мир во интерес на граѓаните“ рече Спасовски.
Тој апелираше за време на празниците кои следуваат да не се користат пиротехнички средства и да не се управуваат возила под дејство на алкохол, како и да се почитуваат сообраќајните правила и прописи.
A.Д
Додади коментар