Податоците од извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 22 до 28 февруари годинава покажуваат дека и понатаму Неготино и Кавадарци се со најголем број на нови позитивни случаи на корона вирус според бројот на жители.
Неодговорниот однос на граѓаните, според лекарите, е главна причина за ваквата состојба. Позитивни на вирусот слободно се шетаат низ градот. Пазарат во маркети и аптеки. Собиранките по кафулињата наместо да се намалат, тие се поинтензивни, без почитување на протоколите за заштита од вирусот. Маски или вооошто не се носат, или се носат колку да не се добие казна од полицијата.
Полицијата во Кавадарци и Неготино и понатаму санкционира мал број граѓани, кои шетаат без заштитни маски. Според извештајот од СВР Велс, во период 02./03.03.2021 год. за непочитување на Уредбата за носење на лична заштита евидентирани се 43 лица, и тоа, 29 во Велес, девет во Кавадарци и пет во Неготино. Против овие лица ќе следуваат соодветни мерки.
Се почесто граѓаните по социјалните мрежи коментираат дека е потребен карантин во Тиквешијата, за да се намали трансмисијата на вирусот.
„Во тек на вчерашниот ден, во ковид центарот на нашата болница се сместени 48 пациенти, во стабилна општа состојба. Има слободни 12 болнички кревети. Има еден починат пациент на 78 годишна возраст со сериозни коморбидитети“ информира директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев.
Тестирани се вкупно 20.161 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 27,2% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 3.628 нови позитивни случаи од 32 градови во државата со зголемување од 56,4% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 12,0 до 21,7%, просечно 17,9%.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.675; 46,2%), со неделна инциденца – 271,2/100.000. Највисока неделна инциденца од 681,1/100.000 е регистрирана во Неготино и Кавадарци (641,4/100.000)
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=911, 25,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=666; 18,4%), 40-49 (n=660; 18,2%), 50-59 (n=612; 16,9%) и 20-29 (n=530; 14,6%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=61; 1,7%) и 10-19 години (n=188; 5,2%).
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.762 (48,5%) лица од женски и 1.866 (51,5%) од машки пол.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 1.766 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, идентично во споредба со минатата недела.
Пријавени се 69 смртни случаи од 20 градови, за еден случај помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 60 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.
А.Д
Додади коментар